Сојузен претседател избираат и Цезар и пиратите
18 март 2012На изборот на Сојузен претседател учествуваат 620-те пратеници на Бундестагот и уште толкав број делегати од 16-те покраини - значи вкупно 1240 избирачи. Така на пример, 61-годишниот Кајус Јулиус Цезар, чиј татко и син исто така го носат името на римскиот император, кој е пратеник во Бундестагот од редовите на ЦДУ, на Сојузното собрание ќе биде во друштво на стотици други лица од регионите меѓу Кил (на север) и Пасау (на југ).
Делегатите на Сојузното собрание кои доаѓаат од сојузните покраини се претежно професионални политичари. Меѓу нив има и многу млади луѓе, како 32-годишниот Мартин Делиус. Тој од септември 2011. година е парламентарен раководител на Партијата на пиратите во берлинското Собрание и таму, меѓу другото, се залага за поголема транспарентност на интернет и поголеми права на соодлучување на граѓаните.
Избираат и познати личности од јавниот живот
Откако Вили Брант на почетокот на 1970-тите доби поддршка од познати личности, како носителот на Нобеловата награда за литература Гинтер Грас, традиција е партиите на изборите да „се китат“ со познати уметници, актери и спортисти. Тоа важи и за актуелниот состав на Сојузното собрание.
Од страна на баварскиот огранок на СПД, на пример, се испраќа Сента Бергер. Омилената актерка во 1960-тите и 1970-тите снимаше филмови со холивудските величини Кирк Даглас или Френк Синатра и до денес добива награди за своите филмови. Дека е наклонета кон социјалдемократите Сента Бергер не криеше никогаш.
Наспроти тоа, за изненандување се погрижи ЦДУ во Северна Рајна Вестфалија. Христијанските демократи во најголемата германска покраина ја испраќаат Алис Шварцер, најпознатиот борец за права на жените во Германија. Дел од делегатите на Сојузното собрание се соочени со жестоки критики кога не гласаат за кандидатот на партијата која ги испраќа, или кога застапуваат ставови кои не се „партиско пожелни“. Алис Шварцер порано не дејствуваше воопшто според конзервативен урнек. Таа се бореше за правото на абортус и е најзаслужна за промените во семејното право, направени во 1976 година. Дотогаш жените во Германија мораа да бараат дозвола од своите сопрузи доколку сакаа да прифатат одредена работа. Алис Шварцер се радува многу поради својот ангажман на изборот на Сојузниот претседател, што досега не и‘ било понудено ни од страна на СПД или ФДП, ниту пак од страна на Зелените.
Меѓу делегатите на партијата на Меркел се и тв-водителот Франк Елстнер и фудбалскиот тренер Ото Рехагел. Заедно со нив, делегат е и вдовицата на издавачот на најголемиот булеварски весник во Германија, Фриде Шпрингер.
Зелените во своите редови го имаат Зенке Вортман. Режисерот сними многу филмови кои во Германија во последните години ги видоа милиони луѓе. Но, покрај ѕвездите, дел од делегатите се и „тивки“ личности кои партиите ги испраќаат свесно, како што е на пример - Мевлуде Генч. Таа во 1993 година во Солинген го преживеа бруталниот напад на деснорадикални фанатици, кои подметнаа пожар во куќата на нејзиното семејство, по потекло од Турција.
Прашање на чест
Делегатите го избираат Сојузниот претседател затоа што таа задача ја сметаат за достоинствена. Многумина од нив дури ги имаат откажано своите претходно закажани термини или патувања за да можат да бидат на денот на изборот во Берлин. Но, токму познатите лица од јавниот живот одбиваат да даваат интервјуа во предвечерјето на Сојузното собрание. Тоа не нуди многу гламур и „дебели“ хонорари. За присуство на изборот државата дури не покрива трошоци ниту за преноќевање во луксузен хотел, туку дава само 60 евра како надомест за учеството.
Автор: Волфганг Дик / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Симе Недевски