1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократите - јасни победници во Словачка

11 март 2012

Промена на власта во Словачка - социјалдемократската опозиција е јасен победник на предвремените избори во земјата. Централно-десничарската коалиција доживеа тежок пораз.

https://p.dw.com/p/14IvR
Фотографија: Reuters

Со речиси 45 проценти освоени гласови партијата Смер на поранешниот премиер Роберт Фицо „в џеб“ има апсолутно мнозинство. Освоениот број гласови е доволен за апсолутно мнозинство поради тоа што голем број мали партии не успеаја да стигнат до потребниот цензус од пет проценти за влез во парламентот.

Исходот од изборите во Словачка е причина за олеснување во ЕУ, затоа што Смер-партијата важи за јасен застапник на еврото. Фицо во изборната кампања вети и задржување на социјалната држава, како и воведување данок на претпријатија и приход за оние што заработуваат најмногу во земјата.

Досегашната конзервативна владејачка партија СДКУ со својот врвен кандидат Микулаш Џуринда доживеа тежок пораз. Таа освои само осум проценти гласови, што сепак и‘ обезбеди влез во парламентот.

Wahlen in der Slowakei Iveta Radicova
Ивета Радичова се откажува од политикатаФотографија: Reuters

Изборите во Словачка беа засенети од огромен корупциски скандал во кој беше вмешана пред се‘ најголемата од четирите владејачки партии - СДКУ. Неопходни беа нови избори, поради тоа што премиерот Ивета Радичова го поврза гласањето за европскиот чадор за спас ЕФСФ со прашање на доверба на владата и - загуби. Еден од коалиционите партнери, десно-либералната партија СаС го отфрли пакетот ЕФСФ. Радичова веќе не се кандидираше. Таа има намера да ја напушти политиката по изборите.

Автор: Штефан Хајнлајн / Е. Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска