Состојбата на Шарон подобрена
7 јануари 2006Од Ерусалим денеска доаѓаат вести дека крварењето во мозокот е запрено и дека Шарон е во стабилна состојба.
“Операцијата мина добро и сега Шарон повторно е на интензивна нега на одделот за неврохирургија во болницата Хадаса во Ерусалим. Тој е под анестезија зашто сакаме да го контролираме крвниот притисок, да го намалиме метаболизмот на мозокот и да му дадеме најдобра шанса за опоравка“, изјави хирургот што го оперираше израелскиот премиер, Феликс Умански.
Израелците ги следат медиумските извештаи за здравјето на Шарон со голема напрегнатост. Луѓето се загрижени и поради неизвесната иднина, вакуумот што го остава Шарон во неговата нова партија Кадима и во израелската политика. Еден граѓанин на Хаифа вели:
“Многу сум загружен. Имам чувство дека тој почна еден важен процес, што сега ќе биде прекинат. И загрижен сум за него лично. Се плашам од влошување на неговата ситуација што на целата држава ќе и донесе состојба на несигурност.“
Пријателот на Шарон и од неодамна политички сопатник, Шимон Перес, сака да пренесе порака на надеж:
“Како ќе оди натаму израелската политика? Државата стои на две нозе - војна против теророт и обид за постигнување мир. Ние ја продолжуваме оваа политика на Ариел Шарон, а тоа беше и политика на големата коалиција. Иако е тешко, не сме без оптимизам.“
Поради болеста на Шарон, американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс го откажа своето патување во Индонезија и Австралија. На прашањето дали откажувањето се должи на можна погребна церемонија за Шарон во наредните денови, нејзиниот портпарол одговори: “Не би барал поврзница меѓу овие две работи по секоја цена.“