1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сорос-фондацијата ја напушта Унгарија

ЕМФ /агенции
15 мај 2018

Фондацијата на американскиот милијардер Џорџ Сорос по големиот притисок од страна на унгарската влада ја напушта земјата и се сели во Берлин.

https://p.dw.com/p/2xjDY
Ungarn - Soros-Stifung zieht sich nach Berichten aus Ungarn zurück
Фотографија: Reuters/B. Szabo

Канцеларијата на фондацијата Отворено општество во Будимпешта од денеска е затворена. „Унгарската влада ја клеветеше нашата работа и ја претставуваше во погрешно светло и го потиснуваше цивилното општество за политички цели“, објаснува претседателот на фондацијата, Патрик Гаспар. „Таа притоа употреби тактика каква што не е видена во историјата на Европската Унија.“

Фондацијата, како што се вели, и натаму ќе ја поддржува работата на организации во Унгарија кои се залагаат за човекови права, уметност и култура, слобода на печат, транспарентност, образование и здравство. Пртиоа, ќе ги преземе сите правни средства коишто ѝ стојат на располагање за да ги одбрани фундаменталните права загрозени од законите во Унгарија.

Сорос со свои финансиски средства ги поддржува напорите за зајакнување на либералните вредности и стремежот кон отворени граници во Источна Европа. Тој важи за критичар на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој има намера да преземе поостри мерки против невладините организации кои им помагаат на бегалците. Вчера висок претставник на владата на Орбан најави дека натамошно ќе се заоструваат законите кои ги погаѓаат овие НВО. 

Повеќе: 

И новинар на Дојче веле на мета на режимот на Орбан

„Стоп Сорос“ - почна дебатата за пакетот закони против невладините организации во Унгарија

Орбан на крајот на април изјави дека нема да лее „крокодилски солзи“ доколку фондацијата на Сорос ја напушти Будимпешта. Унгарскиот премиер го обвинува Сорос дека однадвор управува со „масовно доселување“ во ЕУ. Тој постојано јавно го напаѓа Сорос и го означи како „државен непријател“.

Орбан води националистичка политика и е против доселување. Критичарите го обвинуваат дека со интервенции во правосудството и кратење на слободата на печатот и мислењето ги поткопува темелите на правната држава. Поради тоа и поради одбивањето на пресраспределбата на бегалци во ЕУ, Орбан е во постојан судир со Европската Комисија.