1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сон да се види светот

5 јануари 2011

Студентите на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид добија интернационални евиденциски картички. Со нив можат за малку пари да отидат во странство, да видат како живеат другите.

https://p.dw.com/p/Qkbk

ИСИЦ картички, како дел од Европскиот кредит трансфер систем и Болоњските принципи на студирање, стигнаа и во Охрид. На овој начин, битолскиот Универзитет „Свети Климент Охридски “, во чии рамки е факултетот во Охрид, им кажа збогум на старите студентски легитимации кои со години ја имаа загубено својата функција. Новите картички се идентификациски код и за самите студенти, но можност во иднина во Македонија и надвор од неа студентите да купуваат и користат услуги по далеку пониски цени, вели доктор Сашо Коруновски, декан на Факултетот за туризам и угостителство:

„При купување авионски билети, најголемите попусти се при влегување во музеи, посета на одредени културно-историски споменици. Таа картичка претставува идентификација во секој универзитет кадешто ќе се оди.“

Картичките ја контролираат и присутноста на предавања

Со посебен софтвер картичките ја гарантираат и сигурноста во посетата на наставата, како еден од најважните елементи при студирањето, додава Коруновски:

„Инсталиравме апаратчиња преку кои сега имаме контрола на наставата и присуството на студентите, имаме сознанија за квалитетот на наставата која ја држат нашите професори.“

Saso Korunovski
Сашо Коруновски, декан на Факултетот за туризам и угостителство во ОхридФотографија: DW

„Туризмот е нашата основна гранка“, вели деканот Коруновски, „и сега сме во процес од кој очекуваме да добиеме светски сертификат за квалитет којшто го издава Светската туристичка организација“.

Но и во Охрид доаѓаат странски студенти:

„Сме примиле неколку докторанти од Европа, често доаѓаат Фулбрајтови студенти. Но, правиме размена и со факултети од Германија, Франција и многу европски земји. Размена на кадри и студенти посебно имаме со универзитетите од германските градови Еберсвалде и Хајде.“

Факултетот има визија за заеднички дипломи со германски универзитети

Деканот Коруновски посакува во идната година да успеат во соработката со германските универзитети за добивање на заедничка диплома. „Кога ќе добиеме заеднички дипломи од светски признати универзитети, ќе постигнеме степен повеќе во нашето образование“, вели тој.

Darko Maksimovski
Дарко МаксимовскиФотографија: DW

По почетната скептичност, студентите наголемо ги прифаќаат картичките. За само 400 денари тие ќе добијат големи предности. Околу 600 студенти, кои ги имаат, очекуваат полезноста да ја почувствуваат не само во странство, туку и во Охрид, признава Дарко Макисмовски кој е претседател на Студентскиот парламент:

„Почнавме да се организираме и во Охрид. Бараме можност со картичките студентите да имаат одредени попусти, на пример, во супермаркети, во бутици, клубови, салони за убавина и во спортски сали.“

Студентите ја сакаат Европа на дланка

По долгогодишната изолација и добивањето безвизен режим, студентските картички се уште една добра вест за младите кои се желни да излезат барем на кусо од Македонија. Така ќе видиме како живеат другите, вели Кристина, која е студент на прва година, а е од Свети Николе:

„Картичките се добра работа. Ги има низ цел свет, ете конечно стигнаа и кај нас. Имам желба во 2011, на пример, да прошетам до Италија или Париз, во Јапонија може. Да ги запознаам тие нации таму, да видам, да посетам културни споменици. Мене лично ме интересира животот. Тоа е можност да го научиш повеќе јазикот, да запознаеш нови пријатели. Па можеби во странство и ќе се снајдеш и ќе бидеш некој и нешто. Таму темпераментот и сфаќањата се подруги. Животот таму е различен од овде."

Symbolbild Tourismus Reisen
Да видам Париз, Берлин да видам...Фотографија: picture-alliance / Karl Thomas/OKAPIA

И Ана сонува наскоро да го види светот и има свое видување на нештата:

„Стандардот е повисок таму. Тука и да работиш не можеш да земеш повеќе од 150-200 евра. Таму повеќе би требало да земеш, сепак има разлика.“

Искрено би сакал со студентската картичка да прошетам низ Европа, вели Дарко :

„Многу знаменитости сум видел преку телевизија и интернет, како Ајфеловата кула, Триумфалната капија, Бранденбуршката порта, урнатиот Берлински ѕид, Колосеумот во Рим. Сега сакам да ги видам во живо и да почувствувам како е да се биде пред нив.“

Во времето пред и по Нова Година е дозоволено да се посакува, но и да се чека жебите да се остварат.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска