1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солидно мнозинство за Муслиманското братство во Египет

3 декември 2011

По првата рунда од парламентарните избори во Египет, исламистичките партии имаат јасна предност. Алијансата од либерални и левичарски партии е на третото место. Повеќестепениот изборен процес ќе се одвива до јануари.

https://p.dw.com/p/13LwY
Фотографија: dapd

Претседателот на изборната комисија вчеравечер (02.12) требаше да го соопшти резултатот од првата рунда на парламентарните избори во Египет. Меѓутоа Абдел Мозе Ибрахим, како што јави агенцијата Франс прес на насобраните новинари само им рекол: „Досието е многу обемно, јас повеќе немам енергија“. Тој им предложил на новинарите самите да ги побараат резултатите од изборните окрузи. Ибрахим меѓутоа истакна дека одзивот на избирачите бил историски. 62 проценти од 13 милиони граѓани повикани на гласање во првата рунда го дале својот глас, што е најголема излезност „од времето на фараоните“, изјави Ибрахим.

Исламистите водат

Ägypten Wahlen Wahlplakat in Kairo Mann
Изборен плакат на партијата на Муслиманското братствоФотографија: dapd

Новата ера на Египет очигедно е сосема во знакот на исламистите. Откако на почетокот на неделата се гласаше во Каиро и Александрија како и во седум други провинции, изгледа барем дека трендот е јасен. Според неофицијалните податоци партијата на движењето Муслиманско братство наречена „Партија на слободата и праведноста“ освоила повеќе од 40 насто гласови. На второто место се наоѓа радикално-исламистичката партија на салафистите Ал Нур. На третото место во најголем дел од изборните окрузи се наоѓа Египетската Алијанса формирана од левичарските и либералните партии.

Избори во останатите провинции

Во повеќе изборни окрузи во понеделник ќе има и втор круг на гласање. Потоа би требало да следува првиот круг гласање во преостанатите 18 провинции во земјата. Точната распределба на 498 места во парламентот во Каиро треба да биде позната на 13 јануари. Итна задача на новиот парламент ќе биде усвојувањето на нов устав. На крајот на јуни 2012 пак ќе се гласа за нов претседател на Египет. Потоа би требало владејачкиот Воен совет, кој по соборувањето на поранешниот претседател Хосни Мубарак, ги држи сите конци во државата, да се повлече од политиката.

Автор: Томас Гример/ Сабине Фабер/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска