1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солидарност на дело

4 декември 2009

НАТО и земјите партнери во коалицијата за Авганистан ќе се обидат да остварат пробив во повеќегодишната борба против талибанците преку големо засилување на мисијата ИСАФ. Сојузниците ветија дополнителни 7.000 војници.

https://p.dw.com/p/KqOI
Американците се задоволни од поддршката на сојузниците: шефицата на Стејт департментот Хилари Клинтон на средбата во БриселФотографија: AP

Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен оцени дека ветувањата од сојузниците се јасен сигнал на солидарност со Авганистанците. „Тие ветија 7.000 нови војници. Ако на нив се додаде американското зголемување на силите, тогаш станува збор за вкупно 37.000 нови војници, кои ќе пристигнат таму во текот на следната година. Ваквата активна солидарност ќе има моќно влијание врз ситуацијата на теренот.“

Расмусен појасни дека ветените војници доаѓаат од 25 сојузнички држави од коалицијата за Авганистан што брои вкупно 43 земји. Се очекуваат и натамошни придонеси, додаде генералниот секретар на Алијансата без да посочи конкретни бројки.

Заедничка борба

Шефицата на американскиот Стејт департмент, Хилари Клинтон, на средбата во Брисел ги повика сојузниците на решителност и натамошно здружување на силите. „Ова е наша заедничка борба и мораме да ја завршиме заедно“, порача Клинтон. И нејзиниот британски колега Дејвид Милибанд наласи дека тоа ќе биде од решавачка важност за извојување на победата над талибанците.

Treffen der NATO Außenminister in Brüssel
Германскиот и авганистанскиот министер за надворешни работи, Вестервеле (десно) и Спанта на средбата на НАТО министрите во БриселФотографија: AP

Клинтон нагласи дека трупите нема да останат на неограничено време во Авганистан. И шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле ја поддржа намерата да се посочи поконкретен термин за завршување на овој ангажман. На тоа, Клинтон укажа на определбата на претседателот Обама да им ја предаде одговорноста на Авганистанците почнувајќи од јули 2011. Вестервеле, во оваа прилика, потврди дека германската влада сака да вложи поголеми напори за обуката на авганистанската полиција. За можно зголемување на бројот на војниците во Авганистан, Германија и Франција имаат намера да решат дури по одржувањето на меѓународната конференција посветена на оваа земја, на крајот на јануари.

Автор: ГЧ/ТТ/афп/ртр

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска