1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советувалишта за брак и ефектите од нив

Милчо Јованоски 19 август 2013

Во Македонија етапно ќе профункционираат Регионални советувалишта за брак и семејство. Статистиката вели - се‘ помалку бракови, се‘ повеќе разводи. Дали само реафирмирањето на семејните вредности ќе е доволно?

https://p.dw.com/p/19RuX
Фотографија: Fotolia/Paul Posthouwer

Наскоро во Македонија ќе се формираат 11 советувалишта за брак и семејство. Во септември ќе профункционираат советувалиштата во Битола, Охрид и Кичево, а до крајот на годинава и останатите, информираат од Министерството за труд и социјална политика. „Проектот на Владата е резултат на анализи и компаративни искуства од поразвиениете земји во оваа област, со определени адапатации, визави спецификите на Македонија. Советувалиштата пред се‘ ќе се фокусираат на можностите за обезбедување на опстанок на бракот во услови за социјален ризик, но нема да се ограничат само на тоа, туку ќе обезбедуваат совети од сите аспекти на семејниот живот“, вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на РМ.

Сличен модел на советувалишта веќе функционираше

Пред 20 години имаше советувалишта за брак и семејство кои функционираа во рамките на Центрите за социјална работа преку две форми: предбрачно и брачно советување. „Тимовите од стручни работници поминаа низа едукации, дури имавме и здружение на советувалишни работници. Посетата на предбрачните советувалишта беше задолжителна за сите кои првпат стапуваат во брак. Ги запознававме идните брачни другари со институтот брак, неговото значење и правата и обврските. Така функциониравме до 2001, до конфликтот, а потоа многу работи се променија. По големиот наплив на странки во Центрите, луѓето коишто работеа во советувалиштата мораа да одговорат на новите предизвици кои беа далеку поранливи“, објаснува за Дојче веле Ѓорѓи Тодороски од Центарот за социјални работи од Охрид, кого го сметаат за еден од тогашните покренувачи на идејата за советувалишта во Македонија.

Symbolbild Hochzeit Eheschliessung
Здраво и стабилно семејство е услов за здраво и стабилно општество, велат од Министерството за труд и социјална политикаФотографија: Fotolia/Yuri Arcurs

Помалку бракови , повеќе разводи

Ако се погледне статистиката, бројот на разводи во Македонија од година во година расте. На пример, пред близу две децении, во 1994 година, биле склучени 15.736 бракови, а разведени се 612 двојки. Десет години подоцна, регистрирани се 1663 бракови помалку, а бројот на разводите во 2004 година пораснал за 1.108. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2012 година, во споредба со претходната година, бројот на склучени бракови е намален за 5,1 отсто и изнесува 13.991 брак, додека разводите бележат зголемување од речиси 10 проценти во споредба со 2011 година, односно регистрирани се 1.926 разводи. Статистички гледано најмногу бракови се распаѓаат по пет до девет години заеднички живот меѓу партнерите. Тешко е да се оцени колку новите советувалишта ќе успеат да влијаат врз намалување на разводите и зголемување на браковите, но експертите велат дека сигурно вакуумот што го имаше во нивното функционирање не е безначаен. Сепак, тие сами по себе, без поширока општествена акција и вкупни промени во општеството, ќе останат немоќни: „Денес демографскиот развој кај сите етникуми е во намалување. Природниот прираст опаѓа, но релациите брак и семејство, родители и деца се изоструваат“, вели Тодороски. Тој и неговите колеги апелираат за фронтален облик на опфат на целокупната млада популација со содржини кои нема да бидат само подготовка за родителство, туку и за хуманите односи меѓу половите, од аспект на здравје, етика и морал. Така ќе се намали негативното и неконтролирано влијанието на медиумите и интернетот, а младите преку образовниот процес би добиле реални, квалитетни погледи за себе, спротивниот пол и идниот живот, сметаат тие.

Symbolbild Streit
Бројот на разводи во Македонија од година во година растеФотографија: picture-alliance/dpa

Аргументи „за“

Здраво и стабилно семејство е услов за здраво и стабилно општество, велат од Министерството за труд и социјална политика. Во советувалиштата ќе работат стручни лица од центрите за социјална работа, двосменски и со гарантирана дискреција. Услугите ќе бидат бесплатни, а секој случај ќе биде третиран во зависност од тежината и проблемот. Преку нив, идните брачни двојки, посебно малолетниците, ќе се запознаат со значењето на бракот, последиците од неговото склучување, а тие треба да помогнат и во надминувањето на несогласувањата доколку ги има. Брачните партнери би ја надминале кризата, а ако не е можно, мирно би се разделувале и би се избегнала инструментализацијата и злоупотребата на децата.