Советот за безбедност ја повика Сирија да се држи до договореното
11 април 2012Советот за безбедност на ОН го повика сирискиот претседател Башар ал-Асад да се држи до договорениот прекин на огнот. Повик да прекине со насилство е упатен и до опозицијата во Сирија.
Во изјавата на највисокото тело на ОН се вели дека опозицијата не треба да му дава причини на Асад за тој да го погази ветеното. Вчера наутро почна да тече 48-часовниот рок за спроведување на договорениот прекин на огнот во Сирија, но борбите во земјата и натаму продолжуваат. Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан во писмо до Советот за безбедност апелираше да придонесе за неговиот план од шест точки да не пропадне. „Нема време за губење. Сите ние мораме да вршиме притисок за ставање крај на крвопролевањето, пред Сирија да падне во бездна“, вели Анан во писмото.
Денеска (11.04) за ситуацијата во Сирија треба да разговараат и шефовите на дипломатии на САД и на Русија, Хилари Клинтон и Сергеј Лавров. Средбата ќе се одржи во Вашингтон.