1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снежниот хаос ја прекина работата на авто-концерните во Јапонија

АТ/ афп/дпа17 февруари 2014

Големото снежно невреме кое ги зафати јапонските острови ги принуди автомобилските претпријатија да ја прекинат работата во девет фабрики. Поради невремето досега загинаа 19 луѓе.

https://p.dw.com/p/1BAQ7
Фотографија: Reuters

Силните снежни наноси во Јапонија се одразија и врз автомобилската индустрија. Автомобилските концерни „Тојота“, „Хонда“ и „Сузуки“ ја прекинаа работата во вкупно девет фабрики во центарот и истокот на земјата. Делумно поради тоа што доставувачите не можеле да испорачаат делови, како и поради тоа што работниците воопшто не можеле да дојдат до работното место, соопштија претпријатијата.

„Тојота“ поради недостиг на составни делови затворила четири фабрики, во кои меѓу другото се произведуваат и моделите „Тојота Приус“ и „Корола“. „Хонда“ уште во петокот ја запрела работата во две фабрики, додека „Сузуки“ ја прекина работата во три свои фабрики.

Во снежниот хаос кој со денови трае во Јапонија животот го загубија досега 19 луѓе, а повеќе од 1.600 лица се повредени. Од петокот стотици возачи на автомобили во провинцијата Нагано се заглавени на завеаните улици. Авионскиот и железничкиот сообраќај во Јапонија се одвива отежнато.