1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртните казни однесоа дополнителни животи во Египет

Александар Методијев/афп/миа26 јануари 2013

Дваесет и две лица се убиени денеска во Порт Саид, откако 21 лице, египетски фудбалски фанови и членови на фудбалски клубови, беше осудено на смртна казна за минатогодишните насилства на фудбалски меч.

https://p.dw.com/p/17S3D
Фотографија: Reuters

Судирите ескалираа откако судот во Каиро ги изрече смртните пресуди за убиството на 74 лица и откако вчера се случија насилства низ Египет на втората годишнина од избувнувањето на побуната во земјата. По изрекувањето на пресудата, роднините на осудените се обиделе да влезат во затворот во Порт Саид, при што дошло до судир со безбедносните сили. Напаѓачите употребиле автоматско оружје, а полицијата одговорила со солзавец. Разгневените роднини на осудените упаднале и во две полициски станици, а медиумите јавуваат за престрелки од тешко вооружување во соседството. Висок офицер во армијата изјави дека во Порт Саид се испратени топови.

„Одлучено е да се испратат одредени единици за да се вратат мирот и стабилноста и да ги заштитат јавните претпријатија“, рече генералот Ахмед Васфи.

Ägypten Gericht Todesurteil Fußball Krawall Port Said Massaker
Не запираат насилствата во ЕгипетФотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

По улиците на Порт Саид патролираат армиски сили. Извори од силите за безбедност наведоа дека армијата е повикана на помош на полицијата за да ги обезбедува јавните згради. 

Освен 22-те загинати лица, во денешните судири се повредени и 200 граѓани. Меѓу убиените има и двајца полицајци, информираше Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека меѓу полициските сили има лица со повреди опасни по живот.

Додека семејствата на осудените беснееја, оние на загинатите во фудбалскиот меч пред една година се радуваа на пресудата. Еден човек, кој лани го загубил синот во Порт Саид, рече: „Задоволен сум од пресудата“. Сепак, многумина во Египет веруваат дека за тоа што се случи минатата година треба да одговара оној кој ги испланирал убиствата. Бројни Египќани веруваат дека тие биле оркестрирани или од полицијата или, пак, од приврзаници на соборениот претседател Хосни Мубарак.

Ägypten Gericht Todesurteil Fußball Krawall Port Said Massaker
Судот изрече смртна пресудаФотографија: picture-alliance/dpa

Египетската опозиција се закани дека ќе ги бојкотира претстојните парламентарни избори ако претседателот Мохамед Мурси, кој се соочува со најлошата криза откако дојде на власт во јуни, не најде решение за немирите во земјата.

Според податоците од различни новински агенции, само во вчерашните насилства во Египет загинаа меѓу шест и девет лица, а најмалку 476 се повредени.

Тензиите можат да пораснат на деветти март, кога треба да бидат прочитани и пресудите за 52 останати обвинети лица за минатогодишните инциденти на фудбалскиот меч, кога на први февруари настанаа судири меѓу фановите на Ал Масри од Порд Саид и Ал Ахли од Каиро. Тоа се смета за најсмртоносното насилство на фудбалски меч во последниве петнаесет години.