1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смиленски е во Македонија

Горан Петрески15 јуни 2007

Бизнисменот, кој според тежината на делото за кое е осомничен, може да се смета за еден од најбараните македонски криминалци ,е екстрадиран во Македонија.

https://p.dw.com/p/AwxU
Методиј СмиленскиФотографија: DW / Macedonian Information Agency

Методиј Смиленски, Mакедонец со австриско државјанство, пред една година беше уапсен во Белград, а вчера доцна попладне на граничниот премин Tабановце им беше предаден на македонските власти. Во скопскиот истражен затвор беше пренесен во полициско комбе со лисици, заштитен со панцир и под силно обезбедување. Ако проговори, Смиленски со своето сведочење може зад решетки да смести многумина од политичките и бизнис кругови во Македонија. Министерот за правда, Михајло Маневски е задоволен од спроведувањето на екстрадицијата: “На овој начин, со обезбедување на една меѓународна, регионална соработка, помеѓу надлежните институции и надлежните органи, ќе се обезбеди сите оние што сториле кривични дела да дојдат пред лицето на правдата и да одговараат за сторените кривични дела. “

Јоаким Наумов, адвокат на бизнисменот ја оспори постапката за екстрадиција: “Повредено е се‘ она што значи право, се‘ она што значи некој стандард од Конвенцијата за човекови права, па и нашето национално законодавство.“

Смиленски е осомничен за проневера на повеќе од педесет милиони евра и за низа нелегални трансакции со неговите многубројни фирми во Македонија. Најголема и најпозната афера за која се врзува е онаа со неговата “Експорт-иморт“ банка, во која е обвинет заедно со поранешниот гувернер Љубе Трпески.

Во истрагите на проневерите на Смиленски беа повикувани како сведоци и актуелниот премиер Никола Груевски и поранешниот Љупчо Георгиевски. Зделките на Смиленски беа правени во времето на претходното владеење на ВМРО ДПМНЕ, а продолжија и по доаѓањето на СДСМ на власт во 2002 година. Токму поради големата мрежа на контакти на Смиленски, сега јавноста со нетрпение го очекува неговото сведочење, а многумина стравуваат да не биде откриена нивната вмешаност во зделките на најконтроверзниот транзициски бизнисмен од Македонија.