1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

210610 Mobilfunknetze Deutschland

27 јуни 2010

Ајфонот и другите смартфони овозможуваат пристап во интернет. Тие предизвикаа експлозија во преносот на податоци. Но, мрежата на мобилната телефонија е доведена до границите на капацитетите, нужни се огромни ивестиции.

https://p.dw.com/p/O4M5
Фотографија: AP

Поминаа времињата во кои мобилните телефони служеа за разговор и испраќање кратки пораки. Преносот на податоци расте, дури и ако корисниците само пишуваат мејлови, или со малите програми наречени „епс“ на своите мобилни телефони добиваат информации за резултати на спортски натпревари, за возен ред на возови или пак временска прогноза.

„Само во 2009 имаше приближно четирикратно зголемување на волуменот на податоци во мрежата на мобилната телефонија“, вели Манфред Бројл од „Битком“, здружение на браншата на информатичка технологија и телекомуникации.

Провајдерите му се радуваат на новото поле за бизнис, оти такви стапки на пораст веќе одамна не можат да се постигнат во нормалната телефонија.

„Во овој бизнис има шанси“, вели Рене Оберман, шеф на Дојче Телеком, но укажува дека цените ќе паѓаат и за тоа да се компензира нужно е инсталирање најмодерна технологија, која ќе овозможи квантитативен пораст на користените услуги, со тоа и пораст на приходите.

Нужно отстранување на „тесните грла“

Кога повеќемина корисници на едно место истовремено користат мобилен сервис на податоци, доаѓа до преоптовареност на мрежата, се прекинуваат врските, бавно се симнуваат содржините од интернет. Но, тоа генерално не е проблем, смета Манфред Бројл.

„Кога мрежниот провајдер ќе констатира дека почесто доаѓа до ’тесни грла‘, тој логично и од сопствен интерес ќе почне да гради нови капацитети, оти не сака муштериите да се фрустрирани и да размислуваат да преминат кај друг провајдер“.

Според некои прогнози, во наредните десет години во Германија волуменот на податоци во мобилната телефонија ќе се зголеми за дваесет пати. Уште во 2000-та година мрежните провајдери очекуваа голем пораст на протокот на податоци и платија повеќе од 50 милијарди евра за нови фреквенции за брзи УМТС-мрежи (у-ем-те-ес). Потоа долго време не се случи ништо, се’ додека не дојдоа смартфоните.

Das neue Smartphone HTC Touch
Потребна е нова мрежа за мобилната телефонијаФотографија: picture alliance/dpa

„Ова што сега го доживуваме е токму таа треска која беше претскажувана во 2000-та година, само што помина некое време додека навистина да настапи“, констатира Манфред Бројл.

Лицитацијата за лиценци за мобилна телефонија годинава на државата и’ донесе само 4,4 милијарди евра, помалку од очекуваното. Но, само Телекомот во наредните три години ќе инвестира околу 10 милијарди евра во проширување на мрежата, оти државата ги обврза концесионерите да ги покријат и селските подрачја, кои се за нив помалку доходовни. Новата широкопојасна техника се вика ЛТЕ (ел-те-е) и ветува десет пати побрз трансфер на податоци, отколку досегашниот стандард УМТС (у-ем-те-ес). Но, кој сака да „шета“ низ интернет со такво темпо, ќе мора да набави и нов мобилен телефон; тука ни ајфонот 4 нема да помогне.

Автор: Андреас Бекер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска