1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Во најава уште 119.000 вакцини Фајзер од ЕУ

ДТЗ
20 април 2021

Австрија објави дека од мај до август ќе испорача 651.000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ на шест земји од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/3sGB2
Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Австрија објави дека почнувајќи од мај  до август ќе испорача 651.000 дози од вакцината на „Фајзер-Бионтек“ во шест земји од Западен Балкан, како дел од механизмот на Европската Унија за помош на соседните земји и Африка.

Најголем дел од вакцините се наменети за Босна и Херцеговина – 214 илјади дози, додека во Северна Македонија се очекува да пристигнат 119 илјади вакцини. Во Албанија треба да бидат испорачани 145 илјади, во Косово 95 илјади, Црна Гора ќе добие 42 илјади вакцини, а со планот е опфатена и Србија каде ќе бидат дистрибуирани 36 илјади вакцини.

„Со оваа иницијатива покажуваме дека не го оставаме регионот зад нас. Австрија лично преговараше со ‘Фајзер/Бионтек‘ за овие земји да добијат вакцини“, изјави австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг.

Вредноста на пратката вакцини е 11 милиони евра, коишто ќе бидат покриени од европските фондови за помош на земјите-кандидатки за членство во ЕУ. „Овие дози не се од националната квота. Ова се вакцини што Европската Унија од старт ги намени за своите партнери“, вели Шаленберг.

Вчера во С. Македонија пристигнаа 10.530 вакцини „Фајзер“ , со коишто ќе продолжи имунизацијата на населението против Ковид-19 на вакциналните пунктови во земјата. Станува збор за прва пратка од „Фајзер“, додека втората со уште 10.000 вакцини за овој месец се очекува да пристигне на 26 април. Кон крајот на април треба да пристигнат и 200.000 дози од кинеската вакцина „Синофарм“, а во истиот период би требало да пристигнат околу 76.000 дози на вакцината „АстраЗенека“ кои земјава ги доби преку КОВАКС-механизмот. Досега се вакцинирани 41.421 лица, додека 182.250 граѓани досега изразиле интерес да се вакцинираат.