1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Случај Ѓоковиќ: Србија против остатокот од светот?

Мелани Ласт
7 јануари 2022

Тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ е заглавен во Мелбурн и чека на евентуелна депортација од Австралија. Неговите сонародници, според српскиот претседател Александар Вучиќ, се на негова страна.

https://p.dw.com/p/45FHD
Australien Unterstützer von Serbiens Novak Djokovic
Фотографија: WILLIAM WEST/AFP/Getty Images

На интернет непрекинато кружат вести, се јавуваат критичари и симпатизери за случајот Ѓоковиќ. Дали тенисерот постапил правилно кога веројатно невакциниран и затоа со потврда за медицински исклучок, сакал да влезе во Австралија, за да ја брани својата титула на Австралија опен? Или самиот се доведе во аут со тоа што не ги сфатил сериозно австралиските власти и ги игнорирал важечките правила за влез во земјата поради пандемијата? Зад ова се крие дискусија меѓу приврзениците на вакцинирањето и оние кои се критички настроени кон вакцините, која сега повторно се разгорува на спортско, како и на политичко ниво. 

„Слобода за Новакс"

Пред хотелот за лица кои треба да бидат депортирани, во кој вакциналниот скептичар Новак Ѓоковиќ е сместен по пристигнувањето на аеродромот, во меѓувреме протестираат симпатизери на тенисерот, веејќи српски знамиња. Акција, која ја користат противниците на австралиската доселеничка политика како добредојден подиум.

„Слобода за Новакс („Free Novax"), стои на транспарент на една поддржувачка на Ѓоковиќ – игра на зборови од неговото име Новак и англиските зборови „no vaccination" - не за вакцинација. Дали неговиот случај го инструментализираат противниците на вакцинирањето?

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрече тешки обвинувања против Австралија. „Она што не е фер, е политичката хајка, во која сите, вклучувајќи го и австралискиот премиер, се прават како правилата да важат за сите“, изјави тој. „Стравувам дека овој безобѕирен политички прогон против Новак ќе продолжи сѐ додека тие не можат да докажат нешто. Зашто, ако некого не можат да го победат, се посегнува по вакви средства“. Властите ќе се заложат Ѓоковиќ барем да може да се премести во куќата во Мелбурн, која ја имаше изнајмено првично за учество на Австралија опен.

Spanien Madrid | Davis Cup | Novak Djokovic
Дали Ѓоковиќ самиот се доведе во аут?Фотографија: Bernat Armangue/AP Photo/picture alliance

Поддршка од Србија?

Уште претходно, Вучиќ на Инстаграм напиша: „Тукушто разговарав телефонски со Новак Ѓоковиќ. На нашиот Новак му пренесов дека цела Србија стои зад него и дека нашите власти ќе ги преземат сите мерки за во најскоро време да го окончаат малтерирањето на најдобриот тениски играч во светот. Во согласност со сите норми на меѓународното право, Србија ќе се бори за Новак Ѓоковиќ, за правда и за вистината.“

Поддршка од цела Србија? Расположението во секој случај се чини јасно: про Ѓоковиќ. Најемоционално настапува неговиот татко, Срѓан Ѓоковиќ, кој својот син го споредува со Исус Христос. „Исус беше распнат, тој истрпе сѐ што му направија и уште живее меѓу нас. Сега се обидуваат да го распнат Новак на ист начин и да му наштетат“, изјави тој на прес конференција во Белград.

Некои медиуми шират нешто што наликува на теорија на заговор против 34-годишниот тениски играч. Така, српскиот булеварски весник „Курир“ пишува: „Тоа му го прават на Новак со намера: 26 тениски играчи побарале дозвола за исклучок, но само на Ѓоковиќ му е направена скандалозна сцена на аеродромот“. Српскиот булеварски весник „Блиц“ пак односот на австралиската влада го нарекува „срам за Австралија“.

„Врвен спортист, кој од себе прави идиот"

Но, има и критички гласови, како оној на Александар Станковиќ од јавниот хрватски телевизиски и радио сервис, ХРТ. Тој е најпознатиот и највлијателен новинар во Хрватска и Западнобалканскиот регион. На Фејсбук тој вака го коментира однесувањето на Ѓоковиќ во однос на вакцината против коронавирус „Врвен спортист, кој самиот себе си се прави идиот. Тука постои силна конкуренција, но еден во моментов прави посебни напори.“ 

Најголемиот босански информативен портал klix.ba, го цитира српскиот опозициски политичар Ненад Чанак: „Не постои лош однос (кон Ѓоковиќ) зашто тој е Србин, туку зашто магарето не е вакцинирано“.

И поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор се изјасни на Твитер за случајот Ѓоковиќ: „Во уредни држави, во кои законите важат за сите, законите важат за сите. ‘Знаеш ли ти воопшто кој сум јас' таму не важи. Не помага значи да ги исмејуваш правилата.“

До одлуката по неговата жалба, Ѓоковиќ ќе остане во Австралија. Дали потоа ќе треба да се врати дома или можеби сепак ќе смее да учествува на Австралија опен, не се знае. Но, дотогаш тенисерот број еден во светот барем има време да разјасни едно прашање: со каква потврда за медицински исклучок тој фактички допатувал во Австралија.