1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот Чурувија далеку од судски епилог

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски15 јануари 2014

Убиството на новинарот Славко Чурувија e едно од најпознатите нерешени политички убиства во Србија во 1990-те. Најновите апсења ги потврдија сомнежите за вмешаност на државата во злосторството.

https://p.dw.com/p/1AqkG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Истрагата за убиството на Славко Чурувија трае и денес и сѐ уште нема добиено судски епилог. Со текот на годините имаше разни шпекулации во медиумите дека одговорни за убиството се функционери и припадници на тајната служба, но по најновите апсења во Белград се потврди дека тие се точни.

По вчерашното (14.01) апсење на Милан Радоњиќ, тогашен шеф на белградското одделение на Службата за државна безбедност (СДБ) и Ратко Ромиќ, оперативец на службата, државните претставници на прес-конференција како налогодавач на тоа убиство го наведоа Радомир Марковиќ, тогашен началник на српската СДБ. Во таа пригода, како клучен сведок е наведен Милорад Улемек Легија, кој се наоѓа на издржување на 40-годишна затворска казна за учество во убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, но и уште два сведока чии имиња не се откриени. Непосредни извршители на убиството на Чурувија, како што се вели, се Ратко Ромиќ и Мирослав Курак. Сопругата на Чурувија, Бранка Прпа, меѓутоа тврди дека Курак не го препознава како убиец. Мотивот за убиството бил политички, рече обвинителот за организиран криминал Миљко Радисављевиќ, но не е исклучено дека имало и некои приватни мотиви.

Убиството на новинарот Чурувија е едно од можеби најпознатите нерешени политички убиства во Србија од 1990-те години. Тој беше познат белградски новинар и уредник, основач и сопственик на весниците Недељни телеграф, Дневни телеграф и Европљанин. Убиен е за време на бомбардирањата на НАТО на Србија, на 11 април 1999. година, на православен Велигден, пред зградата во која живееше. На убиството на Чурувија му претходеа јавни прозивки на Мирјана Марковиќ, сопругата на Слободан Милошевиќ, која Чурувија го означи како државен непријател број 1. и како некого кој го предизвикал бомбардирањето на Србија. Неколку дена пред убиството следуваше текст во дневниот весник Политика Експрес под наслов „Чурувија ги дочека бомбите“, кој за многумина значеше и конечна пресуда за Чурувија.

Die Verurteilten für den Mord an Zoran Djindjic, Milorad Ulemek-Legija und Zvezdan Jovanovic
Милорад Улемек ЛегијаФотографија: AP

Истрагата штотуку започнува

Иако многу белградски медиуми веќе наведоа дека со ова е решен случајот Чурувија, новинарот на неделникот Време, Милош Васиќ, предупредува дека надлежните органи цело време говорат дека обвинението е готово, но оти долго ќе се чека додека тоа да биде објавено. „Според тоа како јас го сфатив излагањето на обвинителот, тоа обвинение можеби ќе го добиеме дури во април. Истрагата всушност штотуку започнува“, вели Васиќ за ДВ

„Нов момент во сето ова е дека оние двајца сведоци за кои слушаме со години и на кои наводно им било страв да се јават, конечно се согласиле да сведочат. Згора на тоа, тука значи е и Милорад Улемек Легија, кој го сменил мислењето , ја здогледал светлината и Бога и одлучил сѐ да раскаже, што ќе биде занимливо бидејќи тој знае сешто. И она што во моментов, според мене, е најзначајно од кривично-правен аспект е тоа дека Миљко Радосављевиќ рекол оти непосредни извршители се Курак и Ромиќ“.

Легија без кредибилитет?

Појавувањето на името на Милорад Улемек како сведок кој најпосле ќе проговори, го покрена и прашањето за неговите мотиви, но и многу поважното прашање за неговиот кредибилитет, со оглед дека е осуден како првообвинет за убиството на Ѓинѓиќ. Надлежните органи тврдат дека Улемек не барал никакви поволности за своето сведочење, ниту пак би добил такво нешто. Милош Васиќ смета дека навистина е прашање колку може да му се верува на Легија, со оглед дека тој си го уништил својот кредибилитет:

„Одамна го стори тоа , пред сѐ со лажните сведочења за време на судењето за убиството на Ѓинѓиќ. Меѓутоа постои друга работа, а тоа е дека тој знае сешто. Не сум сигурен дали има непосредни сознанија, бидејќи ако добро се сеќавам Единицата за специјални операции (ЈСО), која ја предводеше во тоа време, главно беше ангажирана на Косово, така што не знам дали тој бил во Белград или не, а тоа лесно може да се провери, но факт е дека припадниците на ЈСО беа ангажирани во тие непосредни активности на СДБ за време на воената состојба во Србија“, вели Васиќ.

Slobodan Milosevic (r), seine Frau Mirjana Markovic und der jugoslawische Ministerpräsident Momir Bulatovic
Мирјана Марковиќ, заедно со Слободан МилошевиќФотографија: picture alliance/dpa

Државата беше убиец

Бранка Прпа за ДВ пак истакнува дека единствен новитет во истрагата за убиството на нејзиниот сопруг Славко Чурувија е тоа што некои луѓе се уапсени. Според неа, тоа само докажува дека државата била убиец и оти сега е само прашање на време дали тој механизам ќе се расцепи до крај. Тоа е причината зошто речиси 15 години немало придвижување во оваа истрага, вели Прпа.

„Суштина е дека СДБ се нема променето, туку само го има сменето името и најдени се нови господари. Целата работа функционира така што оваа институција се штити самата себеси. Поразително е само тоа што во оваа квазидемократска држава во сите овие години никој не можеше да го размонтира тој систем воспосатвен во ерата на Милошевиќ. И сега имаме целосна бизарност на нашата историја, со тоа што актерите на тој крој на државата од крајот на 90-те години, сега ја водат истрагата за убиството на Славко Чурувија“, истакнува Прпа.

Што знаат Вучиќ и Николиќ?

Факт дека за време на убиството на Славко Чурувија сегашниот вицепремиер на Србија Александар Вучиќ беше министер за информации во српската влада, е непријатен податок за во моментов, како што се вели, најмоќниот политичар во земјата. Вучиќ на новинарските прашања за неговата одговорност во случајот Чурувија само истакна дека учи од своите грешки.

„Многу е неверојатно дека некој како министер за информирање во период на најголем прогон на медиумите во историјата на Србија и конечно и убиства на новинари, не знае ништо за тоа. Значи тој мора нешто да знае и мора да ја каже вистината за тоа што во тие години се случувало во Србија. И не само тој. Томислав Николиќ беше потпретседател на владата во тоа време. Николиќ сега е претседател на Србија, човекот кој јавно рече дека не жали што Славко е убиен. Така што и тој мора да се изјасни за тоа, во спротивно сето ова е само сапунска опера и лакрдија“, вели Бранка Прпа за ДВ.

Serbien Oppositionsführer Präsidentschaftskandidat Tomislav Nikolic Bürgermeisterkandidat Aleksandar Vucic
Александар Вучиќ (лево) и Томислав НиколиќФотографија: picture-alliance/dpa

Милош Васиќ пак смета дека најновите моменти во случајот Чурувија покажале дека Александар Вучиќ има извонреден талент за самореклармирање, меѓутоа... „Лично сметам дека тој не знаел однапред за намерите за убиство на Чурувија, но веројатно го насетувал тоа. Комплетната јавност е уверена дека убиството е извршено по директен налог на Мирјана Марковиќ и претпоставувам со согласност на Милошевиќ. Со оглед дека Марковиќ има политички азил во Русија, а Милошевиќ е оправдано отсутен, тогаш ќе видиме што тие сведоци ќе раскажат за време на истрагата и како на крајот од краиштата ќе биде составено тоа обвинение“, вели Васиќ.