1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Слоу фуд“ за квалитетен живот

7 мај 2011

На саемот „Слоу фуд“ во Штутгарт 400 производители ги претставија своите еколошки и здрави прехранбени производи. Храната без засилувачи на вкусот, вештачки ароми и генетски модификации е растечки тренд во Германија.

https://p.dw.com/p/115NA
Организацијата Слоу фуд е основана во Италија во 1986 годинаФотографија: Slow Food/Stefan Abtmeyer

Рајнолд Шнајдер е одгледувач на рози од Креглинген, едно место јужно од Вирцбург. Саемот Слоу фуд во Штутгарт е вистинското место за претставување на неговите рози. Во халите на саемот, на секои два метра, може да се проба нешто убаво, оти розите не се само за мирисање.

„Првите мирисни рози ги засадив пред 15 години, самиот ги јадев и засадив малку повеќе. Потоа розите ги пробаа и моите пријатели и моето семејство и така се‘ започна. Инаку се‘ уште ќе седев дома со само три рози, а сега произведувам двеипол илјади“, вели Шнајдер.

Цвеќињата имаат широк кулинарски спектар

Rosen
Традиционални производи се џемот, желето и оцетот од розиФотографија: Fotolia/Stefan Balk

Порано Рајнолд Шнајдер пред се‘ одгледувал овошје и разни тревки. Денес розите се столбот на неговото производство, но и негова голема пасија. Цвеќињата, покрај тоа што се убави и прекрасно мирисаат, имаат и широк кулинарски спектар.

„Џемот, желето и оцетот од рози се традиционални производи. Ако бараме нешто поспецифично, тоа е шампањско од рози, произведено со постапката на вриење на виното во шишињата. Исто така, има сок од рози наместо сируп од рози, како и алкохолен пијалок или ликер од рози. Сега една фирма произведува и јогурт од цветовите на моите рози.“

И Франк Фридрих од Бад Камберг кај Франкфурт на Мајна работи со цветови, но пред се‘ со диви тревки. Пред 12 години тој добива тешко заболување и започнува темелно да го менува својот животен стил и да испробува различни форми на исхрана. На неговата трпеза оттогаш секогаш има тревки и семиња. На саемот во Штутгарт тој им дава на посетителите да пробаат се‘ што нуди природата. Франк Фридрих објаснува:

„На оваа чинија има се‘ што расте во овој период, растенија кои може да се најдат во секоја градина. Повеќето ги знаат како плевел во градините. Јас секогаш велам, изедете го и така ќе го отстраните! Ние исто така јадеме повеќе видови цвеќиња и бели ради. Притоа заклучив дека речиси ништо не е отровно. Тоа е мојата исхрана веќе дванаесет години.“

Природна козметика од тревки

Blumenwiese
Од дивите тревки рачно се произведуваат природни масти и кремиФотографија: AP

Цвеќињата и тревките се невообичаени за посетителите, но нудат различни вкусови. Некои имаат вкус сличен на зачини или горчливи бадеми, други на боранија и на свеж зелен грашок, а некои дури на плодовите на растенијата цитруси. На почетокот многумина се потсмеваа со него, но денес Франк Фридрих држи курсеви за дивите тревки, и од растенијата кои ги собира на ливадите и полињата произведува широка палета производи.

„Овие масти и креми се природна козметика. Јас ги користам веќе десет години. Ова се нашите масла од тревки, кои ги ставаме и во салати, а ова е сол од тревки и сируп. Нашите производи не се за широките маси, се‘ е произведено рачно, со многу љубов, што е многу важно за постигнување на добар квалитет. Квалитетните производи се можни само ако и самиот производител има таков начин на живот.“

Трикови при преработката на храната

44-годишниот Фридрих се‘ уште работи како експерт за информатичка технологија и како советник, но за една година сака целосно да и‘ се посвети на преработката на дивите тревки. Франк Фридрих на Саемот Слоу фуд често го нагласува здравствениот и природниот аспект на исхраната со диви тревки, но исто така важен му е и вкусот:

„Најважно е задоволството. Начинот на исхрана е дел од нашиот начин на живеење, а тоа е природната, здрава исхрана, со уживање и радост.“

Symbolbild Alter
Храната треба да биде прилагодена за потребите на старите лицаФотографија: picture-alliance/dpa

Вкусната храна игра значајна улога и за Томас Филгиз. Физичарот врши истражувања на институтот „Макс Планк“ во Мајнц за органските аспекти на јадењето, и веќе има објавено книги на таа тема. На саемот Слоу фуд тој е поканет да учествува во повеќе дискусии. Од личното искуство со неговиот татко Филгиз согледал колку се запоставува животниот квалитет при грижата за старите лица, најнапред кога станува збор за јадењето.

„Уживањето во јадењето е значајно за постарите лица. Тие имаат различни проблеми, како на пример тресењето кај заболените од Алцхајмер, или потешкотии при голтањето. Некои не можат да дишат добро кога голтаат. Затоа треба да се произведуваат прехранбени производи кои се голтаат лесно, но не се премногу течни. Вообичаените производи треба да бидат соодветно подготвени, за старите лица сами да можат да ги јадат“, вели Томас Филгиз.

Соодветната преработка на прехранбените производи технички веќе одамна е изводлива. Но, досега мал дел од готвачите во домовите за стари и болни лица сфатија дека самото јадење и уживањето во храната го подобруваат квалитетот на живеење. Освен тоа, јадењето кај постарите лица ја подобрува способноста за комуникација, вели Томас Филгиз:

„Тоа може успешно да се управува со органски трикови. На пример, старите луѓе кои се тресат имаат потешкотии кога јадат супи. Со специјални средства се згуснува бистрата супа, и додека ја принесуваат кон устата таа е густа и не се претвора во течност. При голтањето, или со движењето на јазикот, супата повторно станува течна.“

Значи мора да се прилагоди формата на храната, согласно можностите на старите лица, без притоа да се изгуби вкусот. Повеќето луѓе сакаат крцкава храна, но готвачот мора да ја подготви така што бргу ќе омекне при голтањето, за да немаат проблеми лицата со слаба мускулатура. Потребно е малку да се размислува, вели физичарот Филгиз, но се исплати.

Кој знае, можеби во иднина и старите лица ќе уживаат во ливчињата од рози од производителот Рајнолд Шнајдер, чие шампањско од рози беше еден од најбараните производи на саемот Слоу фуд во Штутгарт.

Автор: Гинтер Биркеншток / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски