Словенците на протести поради штедењето
17 ноември 2012Повеќе илјади луѓе денеска излегоа на улиците на словенечката престолнина Љубљана, за да го изразат незадоволството од политиките на властите за кастрење на буџетските расходи и намалувањето на платите и бенефициите. Според организаторите, на протести излегле околу 30 илјади луѓе. Демонстрациите беа организирани од страна на неколку синдикати, кои сметаат дека сегашната владина фискална политика само ќе ја влоши економската криза во којашто се најде Словенија во атмосферата на општата криза во еврозоната. Буџетскиот дефицит на Словенија оваа година изнесува околу 4,2 проценти од БДП, а идната треба да биде смален на три проценти.
Денешниот протест во Љубљана претставува продолжение на демонстрациите ширум Европа, на кои граѓаните предупредуваа на истите проблеми. Според медиумските извештаи, протестите во Љубљана минале мирно за разлика од демонстрациите во неколку други европски градови претходно оваа седмица.
Така, во Шпанија и Италија демонстрациите од средата против мерките за штедење доведоа до судири на демонстрантите со полицијата, при што беа повредени десетици лица, меѓу кои и полицајци.