1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Различен однос кон југословенското наследство

СН/сб/апа/нзз29 ноември 2017

Печатот на германски јазик донесува прилози за прогласувањето независност на Словенија и Хрватска во јуни 1991 година. Формално тоа беше почеток на распадот на Југославија.

https://p.dw.com/p/1JA3B
Фотографија: DW/S. Huseinovic

„Југословенски облакодери и товарот на нивната историја“- е насловот на текстот по повод 25 години од распадот на Југославија кој го објави швајцарскиот весник „Ное цирхер цајтунг“: „Со прогласувањето независност, Словенија и Хрватска се одвоија од Југославија. Во однесувањето кон тоа наследство овие две земји значително се разликуваат“, пишува за весникот Мартин Вокер. „Неботичник и небодер“. Овие две згради во Љубљана и во Загреб (насловна фотографија) не можат да бидат поразлични. 'Неботичек' има 14 ката, се наоѓа во центарот на главниот град на Словенија, и е архитектонски бисер. На трите највисоки ката се наоѓаат ресторан, бар со панорамски поглед и дискотека. Оваа бизнис-станбена зграда која е завршена во 1933. година, денес ја надвишуваат други згради. Но тоа не ја намалува нејзината симболична сила. Словенечкиот влез во модерната не можеше да има посовршена форма и функционалност. Во тогашното Југословенско Кралство, ниту една друга зграда не се стремела толку кон небото. И по 8 децении, таа сведочи за патот кон напредок за кој се определи овој град...

Поминаа 26 години пред- тогаш веќе социјалистичка - Југославија да добие уште еден облакодер. Во летото 1959. година на главниот плоштад во Загреб е отворена бизнис зграда. Облакодерот беше сведоштво на сјајот на домашната самоуправувачка индустрија. Фасадата на таа модерна зграда беше од алуминиум, изградена е во фабриката за авиони во Војводина. Среде куќите во центарот на градот, кои потекнуваат од времето на основањето на градот, облакодерот претставувал намерна провокација: на загрепското граѓанство, на 'пургерите', требало видливо да им се покаже каде во Титовата федерација води патот на братството и единството: кон сонцето, кон светлината, далеку од мрачната удобност на Хабсбуршкиот настроен град, во кој 'фраерите' и 'шминкерките' уживаат.“

Во продолжение авторот наведува оти таа зграда по прогласувањето независност станала трошна, а дека Плоштадот на републиката повторно се вика Плоштад на банот Јосип Јелачиќ, благородник лојален на царот, кој во средината на минатиот век ја спасил татковината од експанзионистичките аспирации на унгарската круна. Замрзнатата сцена на коњаникот, кој исчезна за време на комунизмот и се појави пред хрватското прогласување на независност, го прикажува банот со подигнат меч. Споменикот се наоѓа на старото место, но при новото поставување е свртен за 180 степени: поинаку отколку за време на југословенското кралство, витезот веќе не им се заканува на Унгарците на североисток, туку на југозапад. А оттаму не се заканува некогашната далечна витешка орда, туку колосот од блиското минато- југословенскиот облакодерот.

Тој е олицетворение на епохата на сопствената историја за која многу загребски „пургери“ би сакале да е комплетно избришана.“ „Хрватска и Словенија во целост се однесуваат различно во однос кон минатото. Во Загреб постојат прекрасни градби од последните 150 години. Но тие никогаш не се стопија во единство, бидејќи нивните идеологии секогаш биле непомирливи. Сосема поинаку е во Љубљана: таму развојот на центарот- на кој свој печат му даде изворедниот архитект Јоже Плечник- го одразува еволутивниот раст без значајни разлики. Центарот на градот, кој е главно пешачка зона, во последните години стана магнет за туристите и годишно привлекува над 1 милон посетители. Тој развој никој не го предвиде на 25. јуни 1991. година“, пишува во текстот објавен во весникот „Ное цирхер цајтунг“.

Ljubljana Stadtansicht
ЉубљанаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij

За почетокот на распадот на Југославија пишува и австриската новинска агенција АПА: „Имаше во тоа и малку среќа: бродската пратка со оружје пристигна точно два дена пред прогласувањето на независност на 25 јуни 1991 година. Кој знае што ќе беше со нашата одбрана ако пристигнеше два дена подоцна, се присетува тогашниот министер за одбрана Јанез Јанша на драматичните денови кога Словенија ја предизвика Југославија и го предизвика нејзинот распад.

„Кога Словенија прогласи независност, во неа никој не сакаше да вложи ниту грош, истакнува Јанша. Југословенскиот премиер Анте Марковиќ словенечките планови за независност за време на една посета на средината на јуни ги означи како глупост. 'Никој нема да ве признае. Европа и Америка нѐ поддржуваат нас', изјави Марковиќ. И навистина, ниту еден познат политичар не се осмелуваше да се заложи за Словенија. За време на прославата по повод прогласувањето на независноста на 26 јуни 1991 година, пред зградата на словенечкиот парламент, градоначалникот на Виена (Хелмут Цилк) беше најзначаен странски функционер...

Потоа следуваше Хрватска, вели Јанша. Јужниот сосед својата независност ја прогласи заедно со Словенија, но тоа не го спроведе во дело. Истото важеше и за претходно договорената заедничка одбрана со Словенија. Југословенската армија така непречено можеше од Хрватска да премине во Словенија. Хрватска, како што пренесува Јанша, потоа ја плати цената на тоа чекање, и тоа со 15 илјади загинати, со окупација на дел од сопствената територија и со заостаток во развојот“, вели Јанша за агенцијата АПА, присетувајќи се на војната во Хрватска (1991-1995).