1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија и натаму силен поддржувач на Македонија

9 март 2011

Словенечкиот министер за надворешни работи Самуел Жбогар денеска во Скопје со неговиот македонски колега Антонио Милошоски разговарале за можноста од предвремени избори во Македонија, но и за спорот за името со Грција.

https://p.dw.com/p/R7en
Словенечкиот министер за надворешни работи Самуел ЖбогарФотографија: AP

Словенија и натаму ќе биде гласноговорник за влегувањето на Македонија во ЕУ и НАТО. „Земјата предолго чека за старт на преговорите и се надевам дека набргу ќе дојде до решавање на грчко-македонскиот спор кој ја оптоварува. Но, во овој момент приоритет за Македонија е обновување на политичкиот дијалог и враќање на опозицијата во Парламентот“, изјави денеска во Скопје словенечкиот министер за надворешни работи Самуел Жбогар на заедничката прес-конференција со неговиот колега и домаќин македонскиот министер Антонио Милошоски.

Antonio Milo mazedonischer Außenminister
Антонио МилошоскиФотографија: Dragan Todorovski

На прашањето дали постои опасност поради неодржување или одржување на изборите Македонија да ја изгуби препораката за старт на преговорите, министерот Милошоски со став дека бојкот на Собранието од страна на опозицијата не оди во прилог на зачувување на постигнатото ниво во однос на евроинтеграциите.

Жбогар, пак, посочи оти е важно сите партии да учествуваат на изборите, верува во мудроста на македонските политички лидери и оти тие се свесни дека граѓаните се тие кои ќе и‘ го дадат мандатот на идната влада.

Решението на проблемот за името клуч за евро-атлантската интеграција

Во однос на спорот за името, шефот на словенечката дипломатија бил детално информиран за македонските позиции и до каде е процесот на разговори, како и за расположението на Владата без оглед на предизборната атмосфера да ги продолжи разговорите и средбите со Нимиц за што поскоро да се дојде до компромисно и достоинствено решение. „Со решавањето на овој проблем ќе се овозможи и решавање на сите други проблеми поврзани со ЕУ и НАТО“, оценува шефот на словенечката дипломатија.

На средбата двајцата се осврнале на можностите за натамошно надоградување на одличните билатерални односи. Министерот Самуел Жбогар, кој е во официјална посета на Република Македонија, денеска треба да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски и со претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски.

Автор: АТ/ ЖА/ миа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема