1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија се приближуваат до договор

БГ
3 ноември 2020

Шефицата на бугарската дипломатија Захариева на прес-конференција соопшти дека е постигнат извесен напредок на разговорите во Берлин со македонските колеги Османи и Димитров околу спорните прашања меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/3knxO
bulgarische Außenministerin Ekaterina Zaharieva
Фотографија: BGNES

Меѓу Скопје и Софија е постигнат напредок кој може да биде основа за решение. Тоа денеска го потврди бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на прес-конференција, а слични сигнали стигнуваат и од македонската влада.
„Во Берлин беше постигнат одреден напредок, но се уште не сме во можност да ја одобриме преговарачката рамка со Северна Македонија“, порача Захариева.
Северна Македонија и Бугарија бараат решение на три спорни точки кои се услов Софија да не го блокира патот на Скопје кон ЕУ. Првата е користењето на името Република Северна Македонија во документот на ЕУ. Софија досега инсистираше да се користи само целосното име, толкувајќи дека кратката верзија „Северна Македонија“ може да упатува на територијални претензии кон бугарска територија. Македонската страна од претходно изрази подготвеност на компромис по ова прашање.

Втората и најпроблематична точка е употребата на терминот „македонски јазик“ во документите на ЕУ. Софија во тој дел инсистира да се користи исклучиво терминот „согласно Уставот на Северна Македонија“. Захариева денеска кажа дека има напредок и по ова прашање, без да елаборира. Позицијата на Софија е или да остане описниот термин на јазикот или С. Македонија да ги признае „бугарските корени“ на својот јазик, а тој понатаму да се нарекува македонски.
Третото проблематично прашање е македонското малцинство во Бугарија кое Захариева денеска го поврза и со незадоволството во Бугарија од непочитувањето на Договорот за пријателство притоа наведувајќи и нови аргументи во таа насока како: блокирањето на инфраструктурни проекти на Коридорот 8 од македонска страна и блокада на бугарски инвестиции во земјата.
„Сакам гаранции и јасен план за исполнување на договорот. Јасно декларирање во преговарачката рамка дека нема да се поддржуваат малцински претензии“, рече Захариева по враќањето од Берлин.
Дополнително, според информации во бугарските медиуми, Софија барала евентуалниот компромис да се ефектуира преку потпишување Анекс на Договорот за пријателство, но поверојатно е решението да се наведе во Преговарачката рамка.
За разлика од претходните денови и недели кога официјална Софија инсистираше Северна Македонија да ги признае бугарските корени на идентитетот и јазикот, Захариева на прес-конференцијата денеска не го спомена тој услов, иако рече дека нема промена во бугарската позиција.

Македонската влада засега е воздржана и не сака во детали да ги коментира разговорите во Берлин.
„Нашите приоритети се да истраеме на правото на самоопределување, да ги започнеме преговорите со ЕУ за време на германското претседателство и да го одржиме пријателството со соседна Бугарија“, велат владини извори кои инсистираа на анонимност.

И Скопје и Софија се свесни дека времето за договор е кратко. Пробивот, доколку го има, најверојатно ќе се случи во текот на денешниот ден, со оглед на бројните дипломатски напори, во кои се вклучени повеќе странски дипломати и државници, кои се во тек.