1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новартис - одвраќање внимание од спорот со Македонија?

Јанис Пападимитриу
21 февруари 2018

Анкетна комисија на грчкиот парламент треба да ги испита обвинувањата за корупција против швајцарскиот концерн Новартис. Критичарите сметаат дека владата во Атина само сака да го сврти вниманието од вистинските проблеми.

https://p.dw.com/p/2t2KJ
Symbolbild Medikamente Pillen
Фотографија: Colourbox

Грчкиот заменик министер за правда Димитрис Папангелопулос изговори зборови кои имаат голема тежина: корупцијата во фармацевтската компанија Новартис е „најголемиот скандал од основањето на грчката држава“,  изјави министерот и бивш обвинител.

За неговиот колега од владата Павлос Полакис е јасно дека корумпирачките потези на фармацевтскиот концерн придонесле за должничката криза во Грција. Премиерот и левичар Алексис Ципрас сака формирање парламентарна Анкетна комисија за истрага на овој случај, а за тоа би требало да се гласа на денешната седница. На мета на истрагата се сите политички противници на Ципрас, вклучувајќи го и неговиот претходник Андонис Самарас, европскиот комесар Димитрис Аврамопулос, гувернерот на Централната банка Јанис Стурнарис, социјалдемократскиот екс-министер за финансии Евангелос Венизелос и уштенеколку бивши министри. На мета е и поранешниот заменик министер за здравство Мариос Салмас, иако во 2012. година и самиот укажа на „нечесната деловна пракса“ во фармацевтската индустрија.

Швајцарскиот фармацевтски концерн Новартис, според обвинувањата, од 2015. до 2016. година имал голема корист од вносни договори со грчките државни клиники и напумпани цени на лековите. Наводно, целата политичка елита добила мито, освен левичарската партија на сегашниот прениер Алексис Ципрас, Сириза, која е на власт од 2015. година. Идната Анкетна комисија би требало да разјасни дали постојат основи за подигнување обвинение против наведените политичари. Тие отфрлуваат секаква одговорност, тврдејќи дека станува збор само за интрига. Бившиот премиер Самарас го тужи премиерот Ципрас за клевета. Во грчката јавност не престанува зачуденоста, а неверување владее и поради скудниот доказен материјал, иако правосудството наводите за корупција ги истражува уште од крајот на 2016. година. Веќе во февруари 2017. година државниот обвинител Панајотис Атанасиу побара разрешување на случајот. Според тогашните медиумски извештаи, најмалку 4.000 лекари, државни службеници и политичари во Грција примиле мито или стекнале друг вид финансиска и имотна корист, за лековите од концернот Новартис да им бидат давани на пациентите во грчките државни болници, но и на приватни пациенти. Меѓутоа, ништо не е докажано.

Griechenland Parlament in Athen
Обвинувања и контраобвинувања на власта и опозицијата во ГрцијаФотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/Pacific Press/D. Karvountzis

Натпросечни издатоци за здравство?

Но, некои работи се запрепастувачки: Европската комисија одамна ги критикува натпросечните издатоци на Грција за здравствена заштита. Неспорна е и недоволната транспарентност кога е во прашање работењето на државните клиники, кои обично ги раководат луѓе блиски до владата, во кои таа има доверба. Логична е претпоставката дека политизацијата на здравствениот систем фаворизира нечесни деловни практики. Но, сѐуште недостигаат јасни докази. Сепак, атинската адвокатка Константина Фундеа, која правно советува неколкумина вработени од Новартис, верува во вистинитоста на наводите за корупција. Во разговор за Дојче веле, таа отворено зборува за мобинг против вработените кои не биле во можност да остварат голема продажба. Под притисок биле ставени наводно и советниците и вработените во Новартис кои биле спремни да сведочат во истрагата. Нема информации за можна вплетканост на политичари, вели Фундеа. Но, затоа наведува дека многу лекари во Грција, вклучени во нечесните пракси поврзани со оваа фармацевтска компанија, изјавиле дека „првенствено на дијабетичари и пациенти со очни заболувања им биле препишувани скапи лекови, дури и тогаш кога поевтините биле исто толку делотворни и достапни.“ 

Концернот Новартис вети соработка со грчките власти и расветлување на обвинувањата. Константинос Фрузис, бивш заменик на шефот на грчката филијала на Новартис, беше изненаден од обвинувањата за корупција кои се однесуваат и на него лично.Во интервју за весникот „Катимерини“ тој вели дека на ниеден политичар досега не му дал пари. Исто така е изненаден што истражните органи не го повикале на разговор. „Сигурен сум дека можам да помогнам во разјаснувањето на важни аспекти од овој случај“, вели овој менаџер на Новартис. Него го товари изјава на заштитен сведок, кој остана анонимен. „Не можам да сфатам дека мојата чест, мојот углед, приватниот и професионалниот живот се загрозени од лажни изјави на замаскирани лица“, огорчено истакнува Фрузис.

Griechenland Parlament
Ципрас врши маневар за одвлекување внимание од спорот со Македонија?Фотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

Одвлекување внимание од спорот за името на Македонија

По најавата на премиерот Ципрас дека ќе основа Анкетна парламентарна комисија за аферата Новартис, конзервативната опозиција се заканува од својастрана дека ќе бара формирање Истражна комисија и за спорната пратка на оружје на Саудиска Арабија од страна на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос. Дали атинската политика тоне во скандалозни интриги? Јоргос Цогопулос од атинскиот тинк-тенк Елиамер пледира за трезвен и диференциран поглед. „Мислам дека Ципрас ја лансираше аферата Новартис за да го одврати внимението од други проблеми, посебно оној во врска со спорот околу името Македонија. Но, тоа не го менува фактот дека некое од обвиненијата може да се потврди како вистинито“, вели тој во разговор за Дојче веле.

Не се очекува брза разрешница на сево ова. Барем не пред  следните избори, најдоцна во 2019. година. И во тоа веројатно е проблемот. „Луѓето во оваа земја сакаат да ја знаат вистината, а ние сме болни од взаемни обвинувања, алузии, шпекулации“, критикува овој грчки политиколог.