1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандали во Рио: Прво ФИФА, сега ИОК

Астрид Пранге/ Нино Домазетовиќ20 август 2016

Спротивно на стереотипите, последните скандали на Олимпијадата во Рио не се поврзани со „културата на корупција“ на домаќинот. Впрочем, властите во Бразил се желни да покажат дека се на вистинската страна на законот.

https://p.dw.com/p/1JmBP
Фотографија: Reuters

Колку е корисна лошата слика за Рио? Сѐ е возможно на Копакабана – грабежи, пукање, сообраќајни несреќи, киднапирање. Со оглед на целиот хаос кој се случува во Бразил, кој би забележал еден инцидент повеќе? Среде Олимписките игри, правосудниот систем и полицијата на Бразил сакаат засекогаш да ја променат таквата слика за земјата. Во средата, тие разоткрија група на организиран криминал, но не на дилери на дрога во фавелите, туку на членови на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), како скандал со измама кај пливачката репрезентација на САД.

Помеѓу проминентните меѓународни гости кои задржани во притвор е Патрик Џозеф Хики – претседател на Олимпискиот комитет на Ирска и член на ИОК. Кај 71-годишниот Хајки, биле пронајдени 823 билети за неделната церемонија за затворање на Игрите и за финалниот фудбалски меч помеѓу Германија и Бразил закажан за во сабота.

Сѐ уште може да се купат, но за 8.000 долари

Хики обвинет за нелегална препродажба на билети по неверојатно високи цени. Наводно, билетите за отвароњето на Олимписките игри ги продавал за 8.600 долари, додека најскапите билети во редовната продажба чинеле околу 1.000 долари. Освен за Хики, налози за апсење биле издадени и за седум други осомничени членови на групата – државјани на Холандија, Ирска и на Велика Британија.

Patrick Hickey EOC Präsident
Патрик ХикиФотографија: Getty Images/T. Dulat

Но, тоа не е сѐ. На меѓународниот аеродром во Рио, полицијата уапси двајца членови на американскиот пливачки тим, Гунар Бенц и Џек Конгер, непосредно пред да се качат на летот за САД. Контрадикторните изјави кои тие ги дадоа за грабежот кој им се случил на нив и двајца други членови на тимот, Рајан Лохти и Џејмс Фрајген, предизвикаа интерес кај полициските истражители. Иако потоа беа ослободени, полицијата истакна дека сака да ги испраша дополнително. Лохти се врати во САД на 15 август, додека моменталната локација на Фрајген одбиваат да ја соопштат од делегацијата на САД поради „безбедносни причини“.

„Многу сум гневен за лагите кои беа кажани од американските пливачи“, вели бразилскиот џиу-џитсу борач Ренцо Грацие. Во порака испратена до неговите пријатели, тој напишал дека Лохти го измислил грабежот со цел да избегне расправија со неговата девојка. Неговите обвинувања подоцна беа објавени од бразилскиот магазин Веха.

Рио е виновен за сѐ

Грацие е особено иритиран од избрзаното извинување на бразилските организатори, кое го упатија до американската делегација. „Лохти во секое интервју шири лаги. Како може ова да се дозволи? Барам надлежните да го истражат целиот случај, а тој јавно да се извини за лагите кои ги кажа за нашиот град“, изјави Грацие.

Бразилците не се шегуваат кога станува збор за корупција и за измама. Веќе неколку години, земјата поминува низ тешки реформи на тоа поле. Многу врвни политичари и бизнисмени беа уапсени во врска со корупциски скандали. Претседателката на Бразил, Дилма Русеф најверојатно ќе биде отстранета од нејзината функција наредната недела поради обвинувањата за корупциија и злоупотреба на буџетот.

Gunnar Bentz Jack Conger verlassen die Polizeistation Rio Flughafen
Гунар Бенц и Џек Когнер за време на апсењетоФотографија: picture-alliance/AP Photo/M.Pimentel

Правосудството на Бразил освен на домашните, работи и на меѓународни случаи. За време на Светското првенство во фудбал во 2014 година, вработени и раководни лица на партнерската организација на ФИФА, Меч Сервисес, беа уапсени поради препродажба на билети на црниот пазар. Сега се чини дека ИОК се служи со истата шема за време на Олимписките игри. Минатата недела правосудните органи и дадоа до знаење на јавноста дека не му веруваат на ИОК. Поради тоа, беше донесена забрана за градот и покраината Рио, како и за владата во Бразилија да ги користат јавните средства за да ги покријат дефицитите на ИОК. Тоа е разбирливо бидејќи државните органи немаат обврска за компензација на финансиските пропусти на приватните организации, како што е ИОК, особено имајќи го предвид фактот дека досега комитетот не се одважи на барањето да ги отвори своите финансии за јавноста.