1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Си-Воч 3" – непотребна провокација на двете страни

Бернд Ригерт
1 јули 2019

По апсењето на германски капетан на спасувачки брод кај Лампедуза, се поставува прашањето која е ползата од вакви протестни акции. Бернд Ригерт смета дека индиректно му помагаат на италијанскиот министер Салвини.

https://p.dw.com/p/3LPHm
Italien Kapitänin Carola Rackete
Фотографија: Reuters/G. Mangiapane

Во Германија многу славни личности и политичари, меѓу кои и претседателот на земјата, ја слават како херој. Станува збор за капитенот на бродот „Си-Воч 3” која во Италија повеќе ја сметаат за криминалец. Кој е во право? Одговорот е веројатно некаде помеѓу.
Храбриот маневар на Карола Ракете, при кој во најмала рака оштети полициски брод, мора да има кривични последици. Но, нејзината цел, да обезбеди сигурно укотвување за нејзините патници кои беа спасени на отворено море, исто така не може да се негира. Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини го преувелича недозволеното навлегување на Ракете во пристаништето на Лампедуза во „чин на војна" или пиратство, што пак од аспект на поморското право е сосема без основа. За сега беше промашена намерата на здружението „Си-воч", приватна хуманитарна организација со седиште во Берлин, на меѓународната заедница да и се предочи цврстата антимиграциска политика на италијанскиот министер за внатрешни.

Салвини се радува

Талентираниот популист Салвини со задоволство ја прими провокацијата и секако дека знае како на Италијанците да им ја „продаде” приказната дека е целосно во право со тоа што одбил да прифати луѓе спасени од неволја на море. Ја бранел Италија - според својата искривена интерпретација - од напад од германски брод и т.н. „добри луѓе" од Северна Европа. Капитенот и член на НВО требало да знаат дека политичката битка со Салвини нема да ја добијат на ваков начин. Индиректно дури и му помагаат на деснорадикалниот политичар да ја зацврсти својата ригидна позиција на омаловажување луѓе, па дури и во рамки на Европа. Сега човек може само да се надева дека италијанските судски органи ќе го почитуваат правилото на урамнотеженост на делото и казната и дека капитенот ќе добие во најдобар случај парична казна, а не и затворска. Не е прв пат да се запленуваат бродови во сопственост на приватни хуманитарни организации. Друг германски брод е запленет во пристаништето во Валета на Малта. Ставот спрема приватните спасувачи на бегалци, кои едновремено беа поздравувани од ЕУ, сега е радикално променет и не само во Италија. Земјите од ЕУ севкупно повеќе се за тоа бегалците да останат во Либија, или ако е можно со помош на либанската крајбрежна стража да бидат вратени во земјата. ЕУ ја прекина својата мисисја „Софија" надвор од либанските води. Сега се работи на заплашување.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Неспособна ЕУ

Не влегува во тој концепт што и натаму има приватни бродови кои спасуваат бегалци и ги носат во Европа. Напорите да се најде европски систем за распределба на бегалците, со години се неуспшни заради отпорот на земјите кои не се директно во соседството на на Средоземно море. Распределбата во минатото успеваше само заради подготвеноста на неколку земји да примат мали групи бегалци од хуманитарни причини. Таквиот "пазар со бегалци", кој постојано се одвива меѓу европските метрополи секако не е трајна состојба, бидејќи не може да се калкулира со тоа. За луѓето кои беа на "Си воч 3" веќе имаше потврда од пет земји дека ќе ги прифатат. Салвини можеше и да ја избегне целата драма. Но, во неговата стратегија е да се претставува како бранител на италијанскиот суверенитет. Сега кога луѓето веќе се на Лампедуза, Салвини сака надвор од сите европски правила без констатирање на нивниот идентитет да ги прати во Германија, Франција, Финска, Португалија или Луксембург. Со тоа се програмира нов проблем, кој Салвини ќе го користи за свои цели.

Кому му е ова од корист?

Од случајот може да се извлечат две поуки: од такви спектакуларни протестни акции нема многу фајде, напротив тие им користат на радикалните противници на миграцијата. ЕУ мора итно да создаде хомоген систем на распределба на бегалци за да се избегнат такви конфронтации. Многу голема надеж дека нешто наскоро ќе се смени, сепак нема. Премногу се зацементирани ставовите во ЕУ.
И да, тука се и мигрантите кои се обидуваат со помош на шлепери да ја напуштат Либија. Нивната судбина останува нејасна бидејќи ЕУ откако ја заврши својата мисија и откако само повремено има акции на хуманитарни организации, нема евиденција за тоа колку луѓе де факто гинат во Средоземно море во обидот да дојдат до Европа. За тоа не се жали било кој, туку токму комесарот за бегалци на ООН.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија