1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата на Блискиот исток може секој момент да експлодира

5 август 2010

Инцидентот на либанско-израелската граница, треба да го сврти вниманието на меѓународната заедница, дека постои зголемена опасност од војна на Блискиот исток.

https://p.dw.com/p/Oc27
Досега најсериозниот инцидент на либанско-израелската граница, по крајот на војната пред четири години, е јасен предупредувачки сигнал. Меѓународната заедница треба многу порешително да се справува со конфликтите на Блискиот исток. Односите меѓу Израел и Либан, впрочем и меѓу Израел и Газа, се толку затегнати, што очигледно, навидум еден безопасен спор, околу дрво во граничната област, може да биде иницијална каписла за смртоносни престрелки.

Опасноста е во тоа што една работа постојано мора да се има предвид: на сите страни постојат сили, кои до одреден степен очекуваат да извлечат полза од воените авантури, или од обидите за контролирана ескалација на ситуацијата. Радикално - исламистичките милиции, како Хамас или Хезболах, повеќепати досега си ги зголемиле легитимноста и популарноста преку насилничките акции против Израел. Со нивна помош радикалните сили би можеле да создадат и јавен притисок врз околните арапски земји, бидејќи ниту еден арапски лидер не може да си дозволи во кризна ситуација да биде соочен со критики за недоволна солидарност со „браќата“ во Газа или во Либан.

Но, и во Израел постои зголемен ризик, тврдокорните сили да се обидат да постигнат одредени политички цели со употреба на насилство: со вооружена акција против сили кои се непријателски настроени кон Израел не само што ќе се соберат поени на внатрешно-политичката сцена, туку воена операција против Хезболах или Хамас би можела, во очите на некои стратези, да биде и соодветниот симболичен потег за на Иран јасно да му се даде на знаеање дека Израел веќе сега активно им се спротивставува на сојузниците на Техеран во регионот и дека никогаш нема да дозволи тој да поседува атомско оружје.

Стратешки размислувања од ваков вид се опасни: наводно котролирани воени акции во овој регион лесно излегуваат од контрола и во моменталната ситуација би можеле да предизвикаат дури и поголема војна.

ЕУ, САД и други држави сега ги повикуваат страните во конфликтот на што поголема воздржаност. Тоа е вистинскиот сигнал, но истовремено е и премалку. Не се доволни само апели и обиди за посредување, неопоходно е и поголемо активно мешање во работите. Кој сака да го ослободи или барем стабилизира Блискиот исток, би требало да бара од Израел исто толку веродостојни компромиси, колку од Либанците и Палестинците. Тој мора да има и препознатлив план, како и да покаже консеквентност во постапките. Тоа во моментов може да го сторат само САД. Актуелниот американски претседател се труди повеќе во таа насока од неговиот претходник. Но, и тој се’ уште прави премалку.

Автор на коментарот: Рајнер Золих

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска