1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите треперат од изборите, само Меркел не!

Бернд Греслер / Елизабета М. Фиданоска20 јануари 2013

Во покраината Долна Саксонија денеска (20.01) се одржуваат избори кои може да имаат пресудно значење за нечии политички судбини. Само канцеларката Меркел нема причина за нервоза?

https://p.dw.com/p/17Nl3
Фотографија: dapd

Кандидатот за канцелар на Социјалдемократската партија, Пер Штајнбрик, вели дека покраинските избори во Долна Саксонија за него „се разбира дека имаат огромна улога“. Предизвикувачот на канцеларката Ангела Меркел на наредните сојузни парламентарни избори чезнее по зајакнување што овие избори можеби би му го донеле. Се чини долго време Долна Саксонија даваше ваква поддршка пред сојузните парламентарни избори. СПД и Зелените беа во водство. Но, водството во истражувањата на јавното мислење со текот на времето се стопи и сега се покажува трка рамо до рамо со црно-жолтите (ЦДУ и ФДП). Ако не биде симната црно-жолтата покраинска влада под водство на миленикот на Меркел, Давид Мекалистер, за ривалот на канцеларката, Штајнбрик, работите не изгледаат добро. Сите, од медиумите до внатрепартиските критичари, за тој пораз ќе го обвинуваат Штајнбрик - поради неговата афера со огромни хонорари за држење говори што ги добивал од стопанството, поради несреќните изјави за премалата плата на канцеларот и евтините вина кои не се за пиење. Од СПД се вели дека кандидатот за канцелар нема да биде сменет, но од отчукувањето на вистината социјалдемократите се тресат. И не се тресат само тие.

Landtagswahlen Niedersachsen 2013 Wahlurne Wähler Deutschland Cammer Bückeburg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Партијата на левицата, која на последните покраински избори во Долна Саксонија славеше поради своето ширење на запад по кое се чезнееше, според актуелните анкети нема да стигне до прагот од пет проценти освоени гласови кои се неопходни за влез во покраинскиот парламент, како што беше случајот и со изборите во Северна Рајна Вестфалија и Шлезвиг Холштајн.

Landtagswahlen Niedersachsen 2013 Wahlurne Wähler Deutschland
Изборите за многумина се важни, ако не и пресудниФотографија: dapd

Овој ден се чини е судбински и за лидерот на либералите Филип Реслер. Во неговата партија веќе „се острат ножевите“ за да се симне бледата и раководно слаба „млада ѕвезда“, за каков што некогаш важеше Реслер.

Според некои предвидувања, неуспех на либералите на покраинските избори во Долна Саксонбија може да значи и неуспех на претстојните парламентарни избори за Бундестагот, наесен, што би било првпат во историјата на Германија еден сојузен парламент во своите редови да нема либерали.

Расположената канцеларка

Niedersachsen Landtagswahl 2013 Ministerpräsident David McAllister CDU Hannover Deutschland
Давид Мекалистер (ЦДУ) води во анкетитеФотографија: dapd

Премиерот во Долна Саксонија Давид Мекалистер веројатно ќе продолжи да владее. Тој, според анкетите, би освоил околу 40 проценти од гласовите. Резултат, кој можеби широко ќе му ги отвори вратите за функција во Берлин. Се споменува функцијата на министер за образование, доколку актуелната министерка Анете Шаван се сопне на обвинувањата за плагијат за нејзината докторска работа. Во екот на изборната борба пред изборите во Долна Саксонија, канцеларката Меркел во последните две недели имаше дури седум јавни настапи во долносаксоната провинција во добро расположение, на страната на Мекалистер. За нејзината опуштеност има причина - дури и црно-жолтите да не освојат мнозинство, тоа малку ќе и‘ наштети на популарноста на Меркел во земјата. Нејзиниот кандидат Мекалистер најверојатно ќе освои добар резултат, па вината за поразот на актуелната коалиција ќе може да се припише на слабите либерали. Тоа, пак, на лидерката на најсилната партија во Германија, ќе и‘ отвори уште повеќе опции за коалицирање по изборите наесен.