1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите треба да даваат свој придонес во државата

Свето Тоевски4 февруари 2009

Интервју со потпретседателот на македонската влада Абдулаќим Адеми, задолжен за спроведувањето на Рамковниот договор. До каде е тој процес, кои слабости се констатирани и што треба за целосно спроведување на договорот?

https://p.dw.com/p/Gmtd
Абдулаќим АдемиФотографија: DW/ Petr Stojanovski

Седум години по потпишувањето на Рамковниот договор, Македонците и натаму задржуваат негативно мислење за него.

Неодамнешната анкета на Институтот за демократија од Скопје покажа дека повеќе од 40 проценти од Македонците имаат негативни оценки за Рамковиот договор, додека 83 проценти од анкетираните Албанци имаат позитивни ставови. 53 проценти од Албанците велат дека не се чувствуваат рамноправни. Оваа анкета и анализата за примената на Охридскиот договор, која е во завршна фаза, се повод за разговор со потпретседателот на македонската влада Абдулаќим Адеми, задолжен за оваа проблематика.

Каков е Вашиот коментар за резултатите од анализата на Рамковниот договор?

Адеми: Ако се прави компарација на резултатите пред неколку години со сегашните, може да констатираме дека граѓаните главно позитивно го прифатија Рамковниот договор, а тоа што е позитивно од анкетата е што Македонците попозитивно се изјаснуваат за договорот отколку пред неколку години. Тоа е најбитниот елемент.

Но, половина од Македонците, испитаници во анкетата, не го прифаќаат Рамковниот договор?

Адеми: Да, но до пред неколку години беа 80 проценти, за нас е битно дека процентот се намалува.

Кое е Вашето мислење за Анализата за Рамковниот договор?

Адеми: Ние формиравме четири работни групи за четири области кои се главно и столбови на Рамковниот договор. Тоа е правична и адекватна застапеност, децентрализација, државно уредување, значи устав, закони, и група за областа на образованието, културата, издавачката дејност и т.н. Од сите овие работни групи очекуваме, покрај тоа што ќе не‘ информираат колку се имплементирани заклучоците, да ни дадат и насоки што треба да се преземе за спроведување на Рамковниот договор.

Кога ќе биде објавена Анализата?

Адеми: Ние сме при крај со неа, но бидејќи се наоѓаме во предизборен период, сметаме дека е подобро Анализата да биде објавена по изборите.

Вие и лидерот на Вашата партија ДУИ, Али Ахмети, во контактите со претставниците на меѓународната заедница особено нагласувате дека во реализирањето на Рамковниот договор сепак има подзастанувања?

Адеми: Не само што ние тоа го констатиравме, туку и анкетата покажува дека во некои области граѓаните не се задоволни од она што е имплементирано во практиката. Секако дека е битно усвојувањето на некои закони во Собранието, но најбитно е тие да бидат спроведени во практика, да стигнат до граѓаните. Ние настојуваме да ги елиминираме овие проблеми. Тоа пред се‘ се однесува на областа на правична и адекватна застапеност на сите етнички заедници, во некои институции има значително напредување, но некаде има и застој. За нас не е битно да имаме само бројка. Битно е да видиме на кои позиции се ставени припадниците на албанската етничка заедница, дали ги има на раководни функции, дали етничките заедници во Македонија учествуваат во креиерањето на политиката и во имплементирањето, да бидат активен учесник во процесите во Македонија. Последните информации говорат дека во 2007 година застапеноста е околу 17 проценти, очекуваме во 2008 година да има мало подобрување, но податоците се во фаза на обработка. Во 2009 година ќе има илјада нови вработувања за припадниците на сите етнички заедници.

Во кои сектори ќе бидат овие нови вработувања?

Адеми: Мислам дека нешто послаба е ситуацијата во Министерството за финансии, бидејќи таму се бараат специфични профили, а и во судството застапеноста и натаму не е задоволителна. Ако продолжиме со овој тренд, мислам дека до крајот на овој мандат отприлика ќе се заокружи процесот на застапеност на сите етнички заедници. Но, тоа не значи дека е крај, треба потоа да се следи кариерата на тие што се вработуваат.

Во овој период инаку ние не можеме да објавуваме нови огласи за вработувања, тие ќе следат по изборите, а тогаш ќе одлучуваме и за огласите кои се во тек, за 620 вработени. Во мај веројатно ќе биде објавен нов оглас за вработување.

Во јавноста и кај експертите е застапено мислењето дека вработувањето во рамките на пропорционалната застапеност се претвори во превработување, дека во некои министерства има и прекубројни, нема ни место каде да седат? Дали ова не е во спротивност со Рамковниот договор, трошење државни пари за кои некој треба и да одговара?

Адеми: Секако дека тука има вистина, но тоа не е причина да не се вработуваат припадници на другите етнички заедници. Ние знаевме дека ќе се соочиме со овој реален проблем и мислам дека имаме решение, бидејќи голем број државни службеници Македонци сега одат во пензија, со тоа условот за подобрување на застапеноста на припадниците на етничките заедници може да се исполни на еден елегантен начин.

Главно се говори за правата на Албанците во Македонија. Но, што е со припадниците на другите етнички заедници?

Адеми: Со најновиот оглас беа вработени 11 Турци, 6 Бошњаци, 6 Роми, двајца Срби, еден Влав, значи има од сите етнички заедници.

Од опозицијата, но и од дел на експертите, има критика дека употребата на албанскиот јазик сепак не е решена на соодветен начин?

Адеми: Секако дека идеален закон нема. Овој, кој го регулира ова прашање, е добра основа за употребата на јазиците во Македонија. Во сите области е дефинирано како ќе се употребуваат албанскиот и другите јазици. Но, кога рековме дека Рамковниот договор не се имплементира целосно, тоа важи токму за овој проблем. Во неколку општини, иако албанскиот јазик е службен, тој се‘ уште не се употребува, има отпор од неколку градоначалници, Совети. За пример ќе ги земам општина Крушево, Чашка, како и неколку други. Тие се оправдуваат дека немаат доволно финансиски средства, дека немаат доволен буџет, персонал и т.н. Ние сметаме дека тоа не треба да биде причина. Тоа е оправдување што може да држи можеби една година, но не четири години по ред.

Кога Рамковниот договор ќе биде спроведен во целост?

Адеми: Се‘ додека постои овој устав, додека постојат закони кои произлегуваат од Рамковниот договор, ние треба да зборуваме и да делуваме и да преземаме конкретни чекори за законите да се спроведуваат во практика. Најважно од се‘ е да се имплементира во практика духот на Рамковниот договор. Тоа е процес кој не може да се мери со проценти.

До каде ќе стигнете со реализирањето на Охридскиот договор на крајот од мандатот на Вашата партија?

Адеми: Во нашата предизборна програма рековме дека за четири години ќе настојуваме барем процентот на застапеност на припадниците на етничките заедници да биде на задоволително ниво. Со чекорите кои ги презедовме досега ние сме во саканата насока за имплементирање на договорот. Но, тоа не значи дека тука е крајот на вработувањето на припадниците на етничките заедници. Тоа е процес кој треба да се следи, како што веќе реков. Етничките заедници во Македонија треба да ги чувствуваат институциите како свои, да даваат придонес за државата, да преземат одговорност за државата, а не само да се вработуваат, целта е тие да се интегрираат и сите заедно да креираат политика за подобра Македонија.