1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите македонски претседатели - непризнавани

Катерина Блажевска13 мај 2014

Во историјата на самостојна Македонија, непризнавани беа шефовите на државата: ВМРО-ДПМНЕ го оспори легитимитетот на Глигоров и на Црвенковски, а СДСМ на Трајковски и на Иванов, со што „резултатот“ е изедначен - 2 : 2.

https://p.dw.com/p/1BydE
Фотографија: MIA

Полупразната сала на собраниската седница за инаугурација на претседателот Ѓорге Иванов за неговиот втор мандат, ја оживеа приказната за сите непризнавани македонски претседатели и за континуираното (само)девалвирање на највисоката функција во државата. Неприсуството на ДУИ, поради отфрлањето на нивната идеја за консензуален претседателски кандидат, и на СДСМ и НДП - поради непризнавање на изборниот процес заради „системска кражба на гласови“, на површина изнесе многу прашања. Каде е дефектот - во ниската политичка култура, во непостоењето на институционална зрелост или во основните правила на изборната демократијата кои се прегазени од гласачките машинерии?

Според професорот од Правниот факултет, Владо Поповски, сѐ е причински-последично поврзано. „Кај нас се евидентни последиците од неконсолидираната политичка култура, непостоењето на долги демократски традиции и непочитувањето на институции. Не е на завидно ниво државната зрелост кај политичарите, ниту институционалната зрелост на државата. Излезот од ваквата ситуација го гледам само во воспоставувањето на сосема поинаква, нова практика. Без разлика како се определиле гласачите, институциите треба да се департизираат и да се реализираат како институции на граѓаните, без никаков протекционизам и селективен однос. Треба да покажат дека дејствуваат во полза на сите граѓани, а не според приципот на 'мајка и маќеа'. Кога ќе се стабилизира тој приод во извршувањето на овластувањата, тогаш и граѓаните ќе стекнат доверба во институцијата, како и потреба за нејзино почитување и свест за нејзиното значење. Ако тоа не се случи, двете страни ќе се надополнуваат во создавањето на уште поголем јаз“, вели Поповски.

Professor Vlado Popovski
Професор Владо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Не може да го условува мандатарот

И покрај тоа што е доживуван како „човек од народот“, Иванов во минатиот мандат не успеа да ја убеди јавноста дека изградил автономија и политичка независност од партискиот атар кој му дава благослов за неговата кандидатура, па дури и кооперативната ДУИ, која е коалициски партнер на кандидатска база на Иванов, одби да му даде изборна поддршка. Ни координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, не успеа да им создаде „грижа на совеста“ на коалициските партнери, со истакнувањето на вториот мандат на Иванов како знак за стабилноста на претседателската институција.

„Во плурална Македонија, првпат се случува претседателот по вторпат да го добие мандатот од граѓаните на непосредни, слободни и демократски избори. За нас тоа претставува еден знак за стабилност на Македонија и нејзините институции“, изјави Димовски, потенцирајќи дека бојкотот е потценување на демократската зрелост на македонските избирачи.

Според познавачите на состојбите во коалицијата, отсуството од инаугуративната седница за Иванов, може да се одрази на „квалитетот“ на владиниот колач за кој ДУИ веќе води разговори со ВМРО-ДПМНЕ. Но, аналитичарите отвораат и други прашања: Ако ДУИ го признава легалитетот, но не и легитимитетот на Иванов, тогаш дали и Иванов има основа и право да го признае легалитетот на ставот на ДУИ, но не и легитимитетот на нивните аргументи? Во тој контекст може ли шефот на државата да одбие составување владин кабинет предложен од мандаторот, кој во него ја вклучува ДУИ?

Mazedonien Land und Leute Residenz des mazedonischen Präsident Vila Vodno in Skopje
Претседателската резиденција во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

„Не може“, вели професорот Поповски.

„Претседателот е должен да го додели мандатот на партија или коалиција која освоила најмногу гласови на изборите, но не може да ја услови во изборот на коалициски партнер. Во тој аспект претседателот е законски лимитиран, а ако се преземат какви било потези во таа насока, тие би биле, пред сѐ, неуставни, политички ризични и многу проѕирни. Со тоа претседателот би се довел во ситуација да ги крши уставните надлежности и да се однесува политикантски, со што само би им дал аргументи на оние кои го спорат неговиот легитимитет“, објаснува Поповски.

Историја на оспорувања

Ѓорге Иванов не е првиот македонски претседател кој се соочува со оспорување на легитиметот, но секако е првиот кој ја освои недовербата на толкав број партиски субјекти - ДУИ, СДСМ и НДП. Дведецениската историја на самостојна Македонија, покажува дека досега непризнавани беа сите досегашни шефови на државата. ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидатот за претседател, Љубиша Георгиевски, во деведесетите години на минатиот век го оспорија легитимитетот на тогашниот претседател Киро Глигоров. Енормната разлика во гласови во корист на „стариот лисец“, како што во тие години беше нарекуван Глигоров, беше третирана како резултат на масовен изборен фалсификат. Во тој период и ДПА предводена од сега покојниот Арбен Џафери, го критикуваше Глигоров поради игнорирање на интересите и проблемите на Албанците и во повеќе изјави го потсетуваше дека тој не се однесува како претседател на сите граѓани. „Преодниот пехар“ на оспорен легитимитет во 1999 година премина во рацете на претседателот Борис Трајковски, откако тој во вториот круг од изборите изненадувачки однесе победа, иако во првиот беше второпласиран со голема разлика во гласовите во однос на првопласираниот Тито Петковски. СДСМ го обвини Трајковски дека победил со полнење кутии и договорен „контингент гласови од Албанците“. Односот кон него го покажаа со тоа што уште од првиот ден го нарекоа „граѓанинот Борис Трајковски“. СДСМ го смени односот кон Трајковски, дури откако Црвенковски ја обелодени аферата „Големото уво“, на масовно прислушување политичари, новинари и јавни личности, меѓу кои беше и шефот на државата.

„Црвенковски тогаш лично му ја однесе лентата и заедно ја преслушаа. Трајковски ја потврди веродостојноста на неговите прислушувани разговори и од тој момент почна да се топи мразот меѓу него и СДСМ. Епитетот 'граѓанин' почна постепено да исчезнува, а Трајковски воспостави одлична соработка со социјалдемократите“, објаснува еден од тогашните соработници на Црвенковски. Трајковски ја доби довербата на СДСМ, но до тој степен ја изгуби во матичната партија, што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, во една прилика им се извини на гласачите што го предложиле за нивен претседателски кандидат. Сите го „признаа“ Трајковски, за жал, дури откако го загуби животот во авионската несреќа кај Мостар. Ако Трајковски беше „граѓанинот“, неговиот наследник на претседателска функција, Бранко Црвеновски, стана „господинот“. ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека е избран на функција без доволен цензус, но токму оваа партија со повик до членството масовно да излезе и да гласа за нивниот кандидат Сашко Кедев, и тоа само два часа пред затворањето на гласачките места, најмногу му помогна на Црвенковски да го достигне цензусот. Поради тоа, Љубчо Георгиевски, кој агитираше за бојкот на изборите, го обвини Никола Груевски дека лично тој го донел Црвенковски на претседателската функција, со повикот за гласање. Во почетокот ВМРО-ДПМНЕ му се обраќаше на претседателот исклучиво како на „господинот Црвенковски“, а подоцна му го симна и тој „чин“, па во еден период беше ословуван само со неговите иницијали - „Б.Ц.“

Branko Crvenkovski, SDSM Parteichef, Skopje, Mazedonien
И Бранко Црвенковски беше непризнаван како претседател од ВМРО-ДПМНЕФотографија: MAKFAX

Иванов е четвртиот претседател кој е пред истиот предизвик. Треба да покаже и волја и многу конкретни потези со кои ќе ги убеди политичките субјекти и нивните гласачи дека Македонија има претседател, а не „граѓанин“, „господин“ или лице кое како послушен партиски војник се одзива на иницијалите Ѓ.И.