1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

China Buchmesse Kommentar

19 октомври 2009

На саемот на книгата во Франкфурт оваа година сите зборуваа за Кина. Меѓутоа, тоа не е тема со која книгоиздавачите долгорочно би се занимавале. Тие си имаат и други маки.

https://p.dw.com/p/KAF8
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Сите доаѓаат во Франкфурт, затоа што сите доаѓаат во Франкфурт“ - меѓу книгоиздавачите вака се опишува рецептот за успех на овој саем. Едноставно, таму каде што одат најголемиот број книгоиздавачи, некако се принудени да се појават и сите останати, доколку сакаат да играат некоја поважна улога во светот на книгата. Бизнисот со издавачките права и лиценци се одвива секако во текот на целата година, но само во Франкфурт човек има можност за лични контакти со толкав голем број деловни партнери. А книгоиздаваштвото е бизнис, којшто особено бара заемна доверба.

Ама ете, годинава не дојдоа баш сите. Голем број источноевропски издавачи, на пример, мораа да го прескокнат Саемот годинава, бидејќи не ја добија вообичаената државна помош за организирање на штандовите. Голем дел од англоамериканските издавачи, пак, го редуцираа настапот, испратија помалку луѓе во Франкфурт. Тоа секако се должи на светската финансиска криза. Но, раководството на Саемот на книгата во Франкфурт ова не го смета за голема трагедија. Станува збор само за привремен феномен, а бизнисот се` на се` се одвива добро - така гласи општиот заклучок!

Пазарот на книги во Германија не може да се пожали. На годинешниот саем во Франкфурт се зборуваше за пораст на продажбата на книги од 2,8 проценти во споредба со претходната година. Сепак, многу работи се изменија, па дури и книгите како производ. Како ретко кога на некој саем, годинава се зборуваше за дигиталните промени. Иако бизнисот со електронските книги се` уште се мери во промили во однос на вкупниот обем на издадени книги, книгоиздавачите веќе се подготвуваат за големиот пресврт. На ова поле, Германија е на добар пат: добар дел од издавачите ги издаваат книгите и во дигитална и во стандардна верзија, а веќе функционира и интернет-порталот на книгоиздавачката бранша. Ништо не би било пофатално отколку на крајот целата заработувачка да му се препушти на интернет-концернот Гугл и сличните на него, кои моментално играат водечка улога на полето на дигитализацијата на книгите.

Дијалогот изостана

BDT Deutschland Buchmesse Frankfurt China
Во Кина нема цензура, авторите едноставно не смеат да ги прекршуваат законитеФотографија: AP

А настапот на земјата-гостин Кина? Официјалниот Комитет за организација на настапот на Кина на Саемот во Франкфурт извлече позитивен биланс: авторите биле срдечно пречекани, а Кина е задоволна и од склучените договори. Но, затоа неговите претставници го повторуваа како будистичка мантра тврдењето дека во Кина нема цензура, туку дека едноставно авторите не смеат да ги прекршуваат кинеските закони. Дека на ова поле има проблеми зборува и фактот што не дојде до средба и дијалог меѓу официјалната делегација и поранешните кинески автори и дисиденти. Во секој случај, барем не јавно. На овој план требаше повеќе да се случи, мораше да се случи, но за тоа недостасуваше вистинска политичка волја. А и физичката раздвоеност на официјалната делегација и дисидентските автори во две оддалечени саемски хали сигурно не го поттикна дијалогот.

Ова предизвика зголемено внимание на германските медиуми, што секако беше еден од позитивните ефекти на саемот. Никогаш порано не можеше да се слушне толку многу за Кина, за нејзините проблеми, противречности и табу-теми.

Настапот на следната земја-гостин, Аргентина, сигурно нема да биде толку деликатен. Аргентина, како најголем пазар на книги во Латинска Америка, ќе се претстави со нејзината богата историја и културна разноликост. Како земја во која се одржува најголемиот саем на книги во Латинска Америка, Аргентина е и значаен партнер за Франкфуртскиот саем.

Така останува да се надеваме дека следната година навистина сите ќе дојдат во Франкфурт, затоа што сите доаѓаат во Франкфурт.

Автор на коментарот: Габриела Шаф

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска