Сисе ја призна победата на Кејта во Мали
13 август 2013Еден ден по вториот круг избори за претседател на западно африканската држава Мали, поранешниот министер за финанси Сумајла Сисе го призна поразот. Ова лично му го соопштил на неговиот ривал, поранешниот премиер Ибрахим Кејта (на насловната фотографија), соопшти Сисе во Бамако.
Гласањето во оваа кризна земја мина без поголеми инциденти.
Во првиот круг на 28 јули Кејта освои 39,8 проценти гласови, додека Сисе со 19,7 проценти гласови беше на второ место. Обвинувањата за изборни манипулации на неговиот изборен табор беа отфрлени од страна на уставниот суд.
Терминот за претседателските избори беше одреден на притисок на меѓународната заедница, иако административните структури сѐ уште не се целосно функционални по воениот пуч и борбите во земјата. Одржување слободни избори и враќање кон демократијата беа услов за земјата да добие нова помош во висина од милијарди.