1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиријците го користат примирјето за нови протести

Ана Лекас Милер/бг15 март 2016

Во Женева продолжуваат мировните преговори за Сирија, а луѓето во земјата го користат примирјето за повторно да излезат на протести против Асад. Ана Лекас Милер известува од Асас, во близина на границата со Турција

https://p.dw.com/p/1IDDW
Фотографија: DW/Muhammad Al-Qarkupi

Цел една ноќ минатата недела, Мухамед работеше на изработката на пароли за протестот следниот ден.
„Одамна сме немале демонстрации“, вели тој за ДВ, посочувајќи дека во Асас, градче на само неколку километри од турската граница, курдските милиции напредуваат со поддршка на Русите, а во исто време силите на сирискиот режим продолжуваат со бомбардирање.
Неколку пароли се напишани на руски јазик, и го напаѓаат Путин поради бомбардирањето на болниците и убивањето деца. Останатите се на арапски и следат познат рефрен: „Луѓето бараат крај на режимот“; „Револуцијата продолжува“.
Следниот ден Мухамед и илјадници Сиријци излегоа на улиците на Асас и во други градови под контрола на бунтовниците барајќи крај на руските воздушни напади и крај на режимот. Во Дара, родниот град на револуцијата, се играше и пееше на улиците со извици „Револуцијата продолжува“. Во Алепо на еден ѕид беше напишано: „Мојот град е убав без звукот на воздушните напади, а ќе биде уште поубав без звукот на Асад“.

Syrien Schilder zu waffenruhe
Пароли и пораки за протестите.Фотографија: DW/Muhammad Al-Qarkupi

Потсетник на револуцијата

„Беше прекрасно“, сумира Мухамед по протестите. „Се потсетивме на првите денови на револуцијата“.
Иако Мухамед редовно учествува на протести, тешко е да се прави тоа безбедно поради постојаното бомбардирање. Иако најпрво мислел дека прекинот на огнот е шега, тој и други активисти велат дека им дал можност на многу Сиријци да „продишат“ и да се стекнат со доверба за повторно да излезат на улиците.
„Ние не се предадовме. Не се откажавме од нашите барања, и се уште инсистираме на мирни протести и остварување на нашите барања“, вели Дани Чапани, 27-годишен активист од Моадамије, предградие на Дамаск. Иако е изненаден од мирот кој настапи по прекинот на огнот, тој ја обвинува меѓународната заедница за двојни стандарди и цинична тактика.
„Светот може да го натера Асад да престане да бомбардира“, вели Чапани. „Доколку можат тоа да го сторат тоа, зошто не можеа пред неколку години?“ се прашува тој.

Иако прекинот на огнот овозможи каква-таква нормализација на животот во регионите под контрола на опозицијата, примирјето не се одржува насекаде. Според Сириската опсерваторија за човекови права, документирани се 240 смртни случаи во регионите во кои е прогласено примирје, како и 552 на територијата на „Исламската држава“ и на Ал Нусра фронтот која не е дел од примирјето.
„Бројот на воздушните напади се намали, но се уште ги има. Само се надеваме дека активистите ги документираат сите нарушувања“, вели Сухаиб, жител на Идлиб.

Syrien Waffenruhe Kinder in Homs
Привидна нормалност на улиците на ХомсФотографија: picture-alliance/dpa/H. Ammar

Надеж и покрај очајот

Иако постојат надежи дека фрагилното примирје ќе донесе поголем успех на мировните преговори, во самата Сирија мала е надежта дека тоа ќе донесе долгорочно одржливо решение.

„Ним не им е гајле за крвопролевањето на Сиријците“, вели Мухамед од Асас, мислејќи на меѓународните фактори кои ја одлучуваат судбината на земјата. „Тие се среќаваат само за да ги протуркаат сопствените интереси во Сирија“.
„Сите ја знаеме вистината, кој е криминалец, и кој кого убива. Кому му е потребна оваа апсурдна игра?“ вели Чапами.