1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија се заканува со воена офанзива против бунтовниците

АТ/дв/макфакс15 јуни 2012

Сирискиот режим им се заканува на бунтовниците со голема воена офанзива. САД и Русија продолжуваат да разговараат за стратегија за предавање на власта во Сирија.

https://p.dw.com/p/15Fcu
Фотографија: AP

Режимот во Сирија им се закани на бунтовниците во земјата со голема воена офанзива. Како што известуваат онлајн медиумите блиски до власта, борците на опозицијата имаат 24 часа да го положат оружјето и да се предадат. Во поинаков случај, армијата ќе ги нападне „терористите со воени средства“.

Набљудувачите на ОН за првпат го посетија крајбрежниот град Ал Хафа, откако владините трупи и бунтовниците таму водеа осумдневни борби. Новинарите кои го посетија градот заедно со претставниците на ОН оценуваат дека во градот речиси нема луѓе. Претходно владата објави дека нејзните војници „ја исчистиле Ал Хаифа од терористи“.

САД и Русија продолжуваат да разговараат за стратегија за предавање на власта во Сирија по оставката на претседателот Башар ал-Асад, рече вчера вечер портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуланд.

Претходно, американската администрација најави дека води разговори со Москва за „начините на мирното предавање на власта во Сирија“, каде повеќе од една година траат антивладините демонстрации кои прераснаа во вооружени судири меѓу армијата на владата на претседателот Баша ал-Асад и вооружената опозиција.