1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија: примирје за Курбан Бајрам?

СН/АТ/миа/дпа/ртр20 октомври 2012

По заедничкиот апел на генералните секретари на ОН и на Арапската Лига, за прекин на огнот за време на муслиманскиот празник Курбан Бајрам, слично барање во Дамаск упати и меѓународниот пратеник за Сирија Лахдар Брахими.

https://p.dw.com/p/16Tr7
Фотографија: BULENT KILIC/AFP/Getty Images

Во Дамаск денеска Лахдар Брахими разговараше со шефот на сириската дипломатија Валид ал Муалем, при што побара краткотрајно примирје, во услови кога продолжуваат судирите и бомбардирањата во земјата.
Меѓународниот пратеник за Сирија побара прекин на огнот во судирите меѓу силите на претседателот Башар ал Асад и бунтовниците кои се борат за негово соборување од власт. Тој бара примирјето да биде воспоставено за време на муслиманскиот празник Курбан Бајрам во текот на наредната недела.
Засега не се познати детали од разговорите, но сириската влада побарала гаранции дека бунтовниците ќе одговорат исто на барањето.

Вчера пак генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун и првиот човек на Арапската лига Набил ал Араби испратија заеднички апел за прекин на огнот во Сирија за време на муслиманскиот празник Курбан Бајрам, од 26 до 28 октомври.

„Тоа ќе му овозможи на сирискиот народ да го прослави овој верски празник во мир и безбедност. Ги повикуваме сите земји од регионот да го поддржат таквиот предлог. Склучувањето на привремено примирје може да ја постави основата на мировен политички процес, со кој ќе се исполни стремежот на сирискиот народ за демократија, еднаквост и правда“, беше посочено во заедничката изјава.

Во меѓувреме, сириските бомбардери продолжија да го гаѓаат клучниот град на северозапад на земјата Марет ал Нуман, а судири избија и на блискиот автопат, додека експлозија одекнала во едно место во провинцијата Дамаск, тврдат активисти.

Секојдневното бомбардирање на Марет ал Нуман, кое трае од 9 октомври кога бунтовниците го освоија овој град, продолжува и денеска, соопшти невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.
Активистите тврдат дека во судирите во Сирија, кои избија пред 19 месеци, загинале најмалку 30.000 лица, а само вчера настрадале уште 220 лица.