1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириските бунтовници употребиле сарин?

ЕМФ/ард/дпа6 мај 2013

ОН ги проверуваат тврдењата дека бунтовниците во Сирија наводно употребиле отровен гас сарин. „Ги проверуваме тврдењата дека бунтовниците употребиле хемиско оружје и гас сарин“, изјави Карла Дел Понте.

https://p.dw.com/p/18Sv9
Фотографија: Reuters

Карла Дел Понте (фото), член на Комисијата на ОН за истражување на воени злосторства во Сирија, за швајцарската телевизија РСИ изјави дека истрагата не е ни оддалеку завршена: „Нашата истрага мора да биде продлабочена со нови изјави на сведоци, таа мора да биде верификувана“, рече Дел Понте, додавајќи: „Но колку што досега можевме да утврдиме гас сарин досега употребиле само противниците на режимот.“ Дали отровен гас употребил и режимот ќе мора да се утврди со натамошна истрага.

Портпарол на Слободната сириска армија (ФСА) даде уверување дека ФСА со саринот нема врска. Луаи ал-Мекдад за агенцијата ДПА рече: „Не поседуваме гас сарин и не стремиме кон тоа да поседуваме ваков гас.“

Американската влада проверува

Бунтовниците и сириската влада си префрлаат меѓусебно дека употребуваат хемиско оружје, но досега јавно за тоа беше обвинуван само режимот на Асад. Американскиот министер за одбрана Чак Хејгл неодамна изјави дека американските тајни служби вршат проверка на тврдењата, а американскиот претседател Барак Обама повика на разумност. Обама во минатото нагласуваше дека употреба на хемиско оружје е „црвена линија“ по чие пречекорување може да следи интервенција. Руската влада минатиот викенд предупреди деа ваквите информации не смеат да служат како покритие за интервенција во Сирија.