1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириската опозиција со критика за „празните ветувања“ на меѓународната заедница

СН/ЕМФ/ртр/миа/дпа/афп23 февруари 2013

Најголемиот опозициски сојуз во Сирија, Националната коалиција, нема намера да учествува на средбата на групата „Пријатели на Сирија“ што ќе се одржи наредната недела.

https://p.dw.com/p/17kXa

Портпарол на Националната коалиција на Сирија во изјава за американската телевизиска станица ЦНН (си-ен-ен) го најави неучеството на претставници на опозицискиот сојуз на средбата во Рим, критикувајќи го притоа „меѓународниот молк“ за насилството во оваа блискоистична земја. На Коалицијата и‘ е здодеано да гледа како меѓународната заедница одржува конференции, но не ги остварува ветувањата за неопходната помош, истакна портпаролот на Националната коалиција на Сирија за телевизијата ЦНН. Бунтовниците, меѓу другото, бараат и испорака на оружје. „Пријатели на Сирија“ е неформална меѓународна група на која и‘ припаѓаат повеќе од 100 држави. Сирискиот опозициски сојуз нема, како што најави, да учествува ниту на планираните разговори за решавање на конфликтот, кои треба да се одржат во Русија и во САД.

Syrien Bürgerkrieg Mehr als 70.000 Tote
Фотографија: Reuters

Опозицијата ќе формира преодна влада

Во образложението на ваквиот чекор посебно се критикува позицијата на Москва, затоа што, како што велат бунтовниците, и натаму со испораки на оружје го поддржува режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Претходно, Националната коалиција донесе одлука да формира преодна влада во регионите во Сирија, кои се под нејзина контрола.

Портпаролот на националната опозициска коалиција Валид ал-Бони синоќа (22.02) во Каиро истакна дека претставниците на коалицијата постигнале согласност за неопходноста за формирање на влада, кој ќе управува со ослободените територии.

Тој наведе дека коалицијата ќе има средба на втори март во Истанбул, на која ќе се избере составот на владата и нејзиниот шеф. Ал Бони истакна дека се надева дека владата ќе биде лоцирана во Сирија, на териториите кои се под контрола на бунтовниците, пред се’ во северниот и источниот дел на земјата.