Синдикатите до Филе-ја сакаме ЕУ, но да не ги негира Македонците!
22 октомври 2011„Од името на македонските работници и целиот работен народ на нашата држава, Ви испраќаме остар и енергичен протест заради обидите на Европската комисија за бришење на македонскиот идентитет преку негирање на македонскиот јазик и заради Вашата отворена поддршка на грчките позиции во овој неправеден и правно непоткрепен спор, кој Грција го има со нашето име и идентитет“, пишува во писмото-реакција на синдикатите.
Претседателите на Конфедерацијата на слободни синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, Раско Мишковски, Живко Митровски и Слободан Антовски, му пишуваат на Филе дека од ЕУ бараат да ги почитува „меѓународно загарантираните и основни права да бидеме Македонци, а нашиот јазик и нашиот идентитет да бидат македонски“, исто како што македонскиот работник ги почитува слободарството и правдата кои се принципи и на Европската Унија.
„Ние ги сакаме европските вредности. Ја сакаме Европската Унија како реалност која може да придонесе за подобрување на стандардот, за можностите за економски развој и за нови вработувања, но тие евентуални придобивки не сакаме да ги стекнеме по цена на негација на Македонците и македонското, факти кои се реалност и од кои немаме намера, ниту пак право да отстапиме. Не, ние дури и отворено се спротивставуваме на ваквиот империјализам во обид, каков што се обидувате да го промовирате со бришењето или преименувањето на македонското во нас... Изградбата на Република Македонија е резултат на вложувањето на труд, знаење, енергија и ресурсот на македонскиот работник, на нашата чесна работа и ние нема да дозволиме од било кој да бидеме понижени преку отворени негирања на она што сме и нема да ги прифатиме, а и нема да ги дозволиме обидите да не бидеме Македонци“, стои во реакцијата на ККС, ССМ и УНАСМ.
Писма-реакции за неименувањето на македонскиот јазик во извештајот и од институциите на ЕК до еврокомесарот Штефан Филе испратија и ректорите и претседателите на студентските парламенти на универзитетите во Скопје, Битола и Штип, а со реакција вчера се огласи и Друштвото на писателите на Македонија.
Автор: ЖА/СН/миа
Редактор: Жана Ацеска
-