1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сида: колективниот заборав скапо се плаќа

1 декември 2005

На лек чекаат вкупно 40 милиони лица ширум светот. Во годинава на заминување од сида починаа 3,1 милион, а пет милиони се ново инфицирани.

https://p.dw.com/p/AcAs
Плакати од превентивната кампања во Германија
Плакати од превентивната кампања во Германија

На меѓународниот Ден на борба против сидата, еден од двајцата научници кои го открија вирусот, Роберт Гало, изјави дека постигнал важен напредок во насока на откривање вакцина против „чумата на 21-иот век„. Произведените анти-тела меѓутоа опстануваат за сега само 4 месеци, што не е доволно. Тој сепак изрази надеж дека за една година би можел да почне со клинички опити на луѓе. Во целиот свет моментално се тестираат 30 различни вакцини. Дали и кога една од нив ќе се покаже како ефикасна, останува да видиме. На решение чекаат вкупно 40 милиони лица ширум светот. Во годинава на заминување од сида починаа 3,1 милион, а пет милиони се инфицираа.

Во Германија живеат 45.000 лица инфицирани со вирусот на сида. Секоја година во просек се инфицираат по 2.000 нови. Но, од пред две три години се бележи тренд на зголемување на бројот нови инфекции, што во последната половина година доживеа своевидна кулминација. Причината за тоа експертите ја гледаат пред се‘ во намалената свест во населението за опасностите што му се закануваат од оваа болест. Затоа по повод денешниот Меѓународен ден за борба против сидата, сите релеватни фактори во Германија повикаа на засилување на напорите во појаснувањето на заканите од оваа и понатаму неизлечива болест.

Во првата половина од 2005-та регистрирано е зголемување на бројот нови инфекции со вирусот на сида од цели 20%. Една од причините е сигурно тоа што оваа болест е малку присутна во медиумите и голем број лица веќе не се ни свесни за сите опасности. Освен тоа:

„Забележуваме дека има широки пропагандни кампањи на фармацевтската индустрија, во кои инфекцијата со ХИВ вирусот се издига дури во еден вид смисол на животот, а последиците од болеста се разубавуваат и се прават помалку страшни одошто се. Тоа придонесува да се измени однесувањето на главните групи кои се загрозени„ – посочува Свен Кристијан Финке, Претседател на Еидс-хилфе Дојчланд. Тој посочува и на фактот дека најголемиот број од новите инфекции се забележани во групата на хомосексуалците, кои и порано беа група со најголем степен на ризик.

Залажувањето дека сидата не е толку страшна болест и дека со неа може нормално и понатаму да се живее има фатални последици, бидејќи:

„Не смее да се заборави дека подобрениот третман на болеста не значи и нејзино излекување. Тоа значи натамошен живот со постојано земање лекови повеќе пати на ден. Освен тоа тие медикаменти не се бомбончиња, туку имаат и тешки споредни ефекти. Се‘ на се‘ тоа е мачен живот со големи осцилации и периодични влошувања на болеста„ – појаснува раководителката на Сојузната централа за здравствено просветување, Елизабет Пот.

Тоа не наликува ни од блиску на животот пред инфицирањето, вели еден заболен од сида. Постојан сопатник е чувството на умор, не ретки се главоболки, мачина и пролив. А секое евентуално заборавање на некоја таблета и‘ го отвора патот на болеста да напредува и да го загрозува вкупниот имунолошки систем:

„Постојано треба да се има на ум часовникот. Кога треба повторно да го земам лекот? Ноќните лудувања и забави, па дури изутрина повторно да се земе лекот, тоа веќе не доаѓа предвид. Едноставно немам сила за такво нешто!„

За опасностите од сидата Германците се во просек добро информирани, сметаат експертите, но секоја нова генерација мора од ново и од ново да се просветува. Тоа е дејност што никогаш не може да престане, додека ја има болеста. Оние кои се особено загрозени тоа се странците во Германија, нагласува Улрих Хајде од германската Фондација за борба против сидата.

„Новата студија на Министерството за здравство покажува дека мигрантите кои живеат во Германија се полошо информирани за сидата од домашното население. Интерерсно е при тоа што доселениците од Африка јужно од пустината Сахара досат со себе подобри информации, од оние кои доаѓаат од Источна и Средна Европа.„

Соодветните институции во Германија затоа во последно време се обидуваат да најдат нов пристап до мигрантите, преку образување кадри со соодветните познавања на мајчиниот јазик на доселениците, како и со способности да ги надминат табуата што во странските традиции се врзани за сексуалноста.