Се топи предноста на Борусија Дортмунд
11 април 2011Финишот на фудбалската Будеслига носи вистинска неизвесност- како во трката за еврокуповите така и во борбата за опстанок. Најдобрата екипа во пролетниот дел на сезоната, второпласираниот Бајер Леверкузен полека но сигурно ја намалува разликата во бодови во однос на водечката Борусија Дортмунд. Со вчерашната победа дома против Санкт Паули, Бајер заостанува само пет бодови. Свен Бендер, стрелецот на победничкиот гол за 2:1, меѓутоа е скромен:
„Сметам дека во изминатите недели добро сторивме што секогаш гледавме надолу, велејќи дека сакаме да си го осигураме второто место. Така сакаме и да продолжиме и нагоре воопшто не гледаме.“
Меѓутоа Борусија Дортмунд на врвот веќе го чувствува здивот на забревтаниот Леверкузен. Тимот на тренерот Јирген Клоп освои само еден бод на гостувањето против Хамбургер- реми кое меѓутоа се славеше како победа со оглед дека Блажиковски изедначи за Борусија дури во судиското продожение:
„Тоа беше извонредно одиграно и тоа во ситуација во која сезоната финишира и ние тука сакавме само да не загубиме. Но може да се каже дека доколку победевме ќе беше заслужено, но задоволни сме и со овој бод“, изјави по мечот Клоп.
Итен отказ за Ван Гал
Екипите од Дортмунд и Леверкузен се практично недостижни на првите две места, без оглед како ќе заврши трката за титулата, но затоа битката се заострува за третото место.
Хановер имено повторно од Бајерн Минхен го презеде местото кое води до квалификациите за Лигата на шампионите, по победата 2:0 дома над Мајнц чиј капитен Николче Новески заработи црвен картон. Бајерн во саботата одигра само нерешено 1:1 во баварското дерби во Нирнберг, што беше капката што ја прелеа чашата и раководството на минхенчани вчера му даде итен отказ на тренерот Луис ван Гал:
„Вчерашниот ден беше крај на синџирот и затоа раководството мораше да реагира, зашто тоа повеќе не можеше да го гледа. Затоа одлуката е 100 проценти исправна“, изјави претседателот на Бајерн, Ули Хенес.
„Сеќавањата се разбира се се’ уште свежи и денеска атмосферата тука на стадионот беше извонредна иако јас не можев да уживам во тоа“, изјави Феликс Магат по мечот кој веројатно се очекуваше со најголемо нетрпение во ова 29 коло. Имено Магат со новиот тим Волфсбург гостуваше кај клубот кој го тренираше до пред неполн месец. Шалке на чело со новиот тренер Ралф Рањик го испрати Магат со пораз од 1:0.
Менхенгладбах ги оживеа надежите за опстанок
Драматичен натпревар со недосудени голови, исклучување и два пенали одиграа во саботата и Фрајбург и Хофенхајм. Конечниот резултат гласеше 3:2 за домаќините. Еднакво занимлив беше и мечот Штутгарт - Кајзерслаутерн во кој гостите направија пресврт и победија со 4:2, освојувајќи значајни бодови за битката за опастанок. Тоа и успеа и на последно пласираната Борусија Менхенгладбах во вчерашното рајнско дерби против Келн. Вечниот ривал беше испратен дома со 5 голови во мрежата.
„Пред средбата знаевме дека ова е наша последна шанса да сториме нешто против испаѓањето од лигата, шанса која во секој случај ја искористивме“, изјави по мечот кој заврши 5:1 напаѓачот на Борусија, Мајк Ханке.
Во петокот Ајнтрахт Франкфурт и Вердер Бремен одиграа нерешено 1:1
Автор: Симе Недевски/ Оливиа Фриц
Редактор: Трајче Тосев