1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко со избеганиот, уште потешко со вратениот Мијалков

25 февруари 2021

Специјалниот однос кон Мијалков го торпедираше „успехот“ од координираната акција за неговото враќање. Правници укажуваат на многу недозволени грешки во правосудството.

https://p.dw.com/p/3pq9X
Nord-Mazedonien Saso Mijalkov
Фотографија: P.Stojanovski/DW

Што се случува кога премиерот лично координира активности во кои се вклучени судството и обвинителството? Што се случува кога претседател на суд му сугерира на обвинителството да повлече жалба? Што се случува кога на лице во бегство му се остава можност да избира каде ќе се појави за да го прими решението за притвор?

Според јавните реакции - се случува тешка хаварија врз напорите за изградба на првна држава, особено во време кога се води процес за т.н. филтрирање на судството и обвинителството од нивни непрофесионални кадри. И додека нестручната јавност повеќе интуитивно препознава дека со правдата многу нешта не се во ред, правниците тешко наоѓаат зборови за да ја опишат скандализираноста од некои институционални, но и вонинституционални „екскурзии“ поврзани собегството и враќањето на Мијалков. 

„Во овој момент веројатно малкумина се тие што знаат што навистина се случувало и неблагодарно е да се шпекулира со било која теорија, но по она што беше презентирано од страна на Мијалков и обвинителката Русковска, за мене се наметнуваат неколку правни дилеми, вели Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на ДКСК.

„Прво, со оглед дека обвинетиот го најавил своето појавување, зошто тој се упатил во обвинителството за врачување на решението за куќен притвор?! Ова од причина што обвинителството ниту го донело тоа решение, ниту пак има надлежност за негова достава. Понатаму, обвинителката Русковска неколку пати повтори дека обвинителството ја повлекло жалбата на решението за куќен притвор по сугестија на претседателот на Кривичниот суд!? Доколку е тоа вистина, тогаш претседателот на судот сериозно ги надминал своите надлежности, со оглед дека неговата недлежност е во делокругот на организацијата на работата на судот. Тој нема право да се меша и влијае во работата на судиите од неговиот суд, а да не говориме да му сугерира одредено постапување на јавниот обвинител, кој е една од странките во кривичната постапка пред судот“, објаснува Малиновски.

Се бара ново мнозинство

Идентични забелешки има и извршната директорка на Коалицијата Сите за правично судење, Натали Петровска.

„Претседател на основен суд во никој случај не би требало, во каков било капацитет да влијае на странките во постапката, а во случајов на јавното обвинителство, со цел да биде повлечена поднесената жалба на решение за домашен притвор. Секако дека ова ниту е, ниту смее да биде пракса на постапување. Даденото образложение за ова е во насока на евентуално поедноставување на постапката и можност за поднесување веројатно ново барање за ефективен притвор, наместо домашен. Но, колку што мене ми е познато, до овој момент обвинителството нема побарано ефективен притвор, така што веројатно и конкретното решение за определување на домашен притвор е веќе и правосилно", вели Петровска.

Иако појавувањето на обвинетиот беше претставено како успех на здружените институционални напори кои на Мијалков не му оставиле никаков друг избор, според опозициски реакции тешко е да се рече дека ова ќе биде случај со среќен крај, особено за власта, околу која веќе почнува да се стега обрач.

„Два дена се прави театар. Исчезна Мијалков, па се појавии кажа дека имал температура. Една ноќ претходно, цело семејство, синовите не знаат каде е татко им. А најскандалозно е дека Сашо Мијалков доби домашен притвор. Тоа е доказ за договор меѓу Мијалков и Заев. Тоа е доказ дека сите актери кои правеа сценарија за 27-ми април сега се заедно со Владата“, обвини лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Алијанса и коалицискиот партнер Алтернатива поднеле барање за гласање доверба за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а најавија дека ќе го поддржат и предлогот за интерпелација на Владата и за создавање ново парламентарно мнозинство. Според оваа коалиција, нашите судии и обвинители не можат да одговорат на задачата, бидејќи се приспособуваат на партиите што се на власт.

Поделба на власта, што беше тоа?

Со ова, Мијалков и избеган, и вратен, повторно ја тресе власта. Ноншалантноста со која тој се појави, како и можноста да избира каде ќе се појави, најмногу го торпедираа ефектот што власта го очекувала од посочениот успех на нејзината координирана акција.

„Институцијата во која едно обвинето лице по кое се трага би требало да се пријави, не би требало да е предмет на избор“, укажува Петровска.

„Во принцип, лицето кое се бара, а во случајов и за кое постојат потерници - и меѓународна и домашна, би требало да се пријави во МВР. Но еве, и да е насочено од страна на самиот шеф на обвинителството, односно од обвинителот во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, не е јасно што истиот би правел таму, кога самото решение за определување на мерката притвор е донесено од страна на надлежен основен суд, и може да го подигне единствено во суд“, укажува директорката на Коалицијата Сите за правично судење.

Но, забелешките се однесуваат и напрегазената линија на поделба на власта

„Поделбата на власта во една држава претставува темел на секоја демократија, но и услов за добро владеење“, потенцира Петровска.

„Во конкретниов случај, интервенцијата на извршната власт односно како што беше појаснето-координација на истата со правосудните органи, во поглед на ‘успешното' лоцирање или враќање на обвинетиот Мијалков и негова одеднаш достапност на органите на прогон, несомнено може да се смета како еден вид на упад во, по дефиниција независните институции како судството и обвинителството, особено ако се земе предвид тројната поделба на властите во државата", потенцира Петровска.

Со оглед дека „случајот Мијалков“ на драматичен начин ги исфрли на површина сите аномалии на системот кој е задолжен за справување со криминалот и корупцијата, Малиновски смета дека земјава дополнително ќе тоне на ранг-листи за перцепција на корупцијата.

„За жал, тој дополнително ќе ја поткопа и онака ниската доверба на граѓаните во функционирањето на правната држава. Поразително е сознанието дека оваа драма била окончана на вонинституционален начин, преку некаков специјален притисок врз семејството на Мијалков и закани по нивните имоти. Со ваквиот начин на гаснење пожар, без сериозен аналитички приод за идентификување на слабостите и без ефикасно и конкретно лоцирање на одговорноста, следната година Република Северна Македонија со сигурност дополнително ќе потоне од сегашното рекордно ниско место на листата за перцепција на корупцијата на Tранспаренси Интернешнл", оценува Малиновски.