1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се работи на расветлување на киднапирањето на Буши

Горан Петрески4 јуни 2007

Превирањата во албанскиот политички блок од парламентарните клупи, се префрлија на терен.

https://p.dw.com/p/Ao7L
Македонска Радио ТелевизијаФотографија: Petar Stojanovski

Назив Буши од редовите на ДУИ, заменик извршен директор на Македонската радио-телевизија, тврди дека завчера бил киднапиран од приврзаници на ДПА, кои го принудувале да поднесе оставка.

Назив Буши се сомнева дека и полицијата е вмешана во неговото киднапирање: ”Нема да се повлечам. Ова ми дава уште повеќе сила да продолжам со реформите за конечно Македонската радиотелевизија да стане јавен сервис на сите граѓани, а не на една политичка партија“, изјави Буши.

Gordana Jankulovska, Innenministerin Mazedonien
Гордана Јанкуловска, македонски министер за внатрешни работиФотографија: Petar Stojanovski

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, не открива повеќе детали за случајот, но се прашува зошто Буши одбива да ги идентификува киднаперите ако ги видел:

” Зачудува фактот што и покрај кажувањето дека лицата не носеле маски, значи не би требало да е проблем да се препознае нивниот идентитет, тој не посочи на идентитетот на лицата, велејќи дека не ги познава, но во иднина очекуваме повеќе информации. Ова можеби беше првична негова реакција. Случајот е пријавен во полициска станица на втори овој месец, во вечерните часови. Врз основа на изјавата од лицето ние постапуваме по првичните сознанија и очекуваме да добиеме и дополнителни информации, се‘ со цел да може да ги откриеме сторителите.”

Буши во петокот беше избран од Управниот одбор на МРТ за Заменик извршен директор, а во саботата околу 16 часот, заедно со уште двајца новинари од Албанската редакција во МРТ е киднапиран на наплатната рампа на излез од Тетово од група вооружени лица. Тие четири часа ги држеле Буши и новинарите во напуштена барака во селото Кондово. Буши не попуштил пред заканите на киднаперите и одбил да даде оставка. Околу 20:30 часот бил ослободен и сам го пријавил случајот во полиција, а рекол дека не се сеќава каде бил заробен во Кондово, ниту, пак, ги познавал луѓето кои го киднапирале, но тврдел дека е сигурен дека тоа е сценарио на ДПА, со цел да се повлече од функцијата. Настанот денеска го осудија Советот и Управниот одбор на МРТ, кои изразија крајна загриженост и упатија апел до задолжените институции за што побрзо расветлување на киднапирањето. ”Сметаме дека таквиот чин претставува сериозен удар на управните и извршните органи и врз Советот на МРТ, како и удар врз целокупното новинарство во Македонија”, порачуваат од раководството на МРТ. Во соопштение, осуда на киднапирањето стигна и од Здружението на новинарите Албанци: ”Овој чин го доведува во прашање достоинството и безбедноста на вработените во медиумите на албански јазик, како и потребата од поголема заштита во текот на извршувањето на професионалните работни задачи”, се вели во соопштението од Здружението, кое бара надлежните органи да спроведат истрага и да го расчистат случајот.