1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се празнува Велигден во предизборна Македонија

24 април 2011

Велигден 2011 истовремено го слават православните верници и католиците. Во празничната атмосфера во Македонија сепак се чувствува наближувањето на изборите. Ниту големите духовни празници не се имуни на политика.

https://p.dw.com/p/1138Y
Фотографија: DW

Македонија во атмосфера на зоврени политички страсти го празнува најголемиот христијански празник.

Верниците сплотени во маките и надежите, но поделени и раскарани меѓу себе по партиска линија како никогаш досега денеска можат да здивнат од секојдневните обврски и грижи. Годинава се совпадна календарот па заеднички слават православните верници и католиците а се погоди и времето. Утрински литургии, прошетка и кафе на пролетното сонце, семеен ручек.

Ostern in Mazedonien
Поглаварот на МПЦ, г.г. СтефанФотографија: DW/Stojanovski

Може ли без политички влијанија?

Црквата отсекогаш била под влијание на политиката ама последниве години партијата стана најсилна религија. Можат ли верските заедници да останат имуни на политички влијанија во држава која во уставот се декларира како секуларна. Монсињор Анте Циримотиќ од католичката црква во Македонија објаснува:

„Во католичката црква има посебен принцип според кој црковни лица не смеат да се мешаат во политика, да бидат членови на некоја партија, а на верниците им се остава по своја совест да гласаат за која партија ќе проценат дека е корисна за народот“.

Skopje Catholic church
Католичката црква во СкопјеФотографија: DW

Црквата ужива голема доверба

Духовните лидери вообичаено апелирааат за единство, покајание, милосрдие. Таквите се желбите и пораките до верниците и во овогодинешните велигденски честитки на архиепископот на МПЦ, Г Г Стефан и поглаварот на Католичката црква во Македонија, бискупот Киро Стојанов.

Велигден од пред неколку години се празнува продолжено, со неработни Велики петок и понеделник втор ден Велигден.

Наспроти политизацијата на сите општествени сфери вклучително и на верскиот живот, црквата се’ уште ужива голема доверба кај граѓаните. Последните анкети покажуваат дека на црквата и веруваат повеќе од половина од вкупниот број испитаници.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски