1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

271109 interview de boer klimakonferenz

8 декември 2009

Штотуку започнатиот самит за климатските промени во Копенхаген сепак е манифестација што или ќе биде успешна или не - оценува во интервју за телевизија ДВ шефот на Секретаријатот на ОН за клима, Иво де Бур.

https://p.dw.com/p/KtWC
Шефот на Секретаријатот на ОН за климата, Иво де БурФотографија: AP

На прашањето дали навистина на самитот станува збор за „се’ или ништо“, како што се стекнува впечаток во светската јавност, Иво де Бур оценува: „Мислам дека е така. Мислам дека станува збор за средба на која или ќе постигнеме нешто или нема да успееме. Ова пред се’ затоа што е потребно да се соберат повеќе елементи на едно место. Прво, неопходно е богатите земји да постават јасни и конкретни цели за нивното намалување на испуштањето штетни гасови во атмосферата; второ, треба да знаеме што ќе преземат најголемите земји во развој, како Кина и Индија, за да го намалат растежот на количеството штетните гасови што тие ги испуштаат; трето, неопходен ни е прецизен почеток на давањето финансиска помош за помалку развиените земји, за и тие да можат да се вклучат во процесот; и четврто, неопходни ни се низа одлуки што ќе ни овозможат сите мерки веднаш да почнат да се спроведуваат во дело.“

Dänemark Klimakonferenz Kopenhagen Bella Center Pressekonferenz
Прес-конференција на самитот во КопенхагенФотографија: AP

Колку останува уште да се сработи?

Запрашан дали гледа доволна подлога за таквите одлуки во досегашниот процес на преговори или сепак поголем дел од нив ќе треба да дојдат тукуречи во последен миг, Де Бур вели: „Нема да се случи се’ во последен миг. Фактички преговараме веќе две години, така што дел од подлогата е веќе подготвен. Но, мора да признаам дека голем дел од таа подлога треба допрва да се одработи во текот на првите шест дена од конференцијата во Копенхаген.“

Кога станува збор за големите играчи, како што се САД, се поставуваат повеќе прашања. Прво, дали Барак Обама ќе се појави на конференцијата со конкретни бројки и ако да, дали тоа ќе биде излегување во пресрет на притисокот од другите земји? Иво де Бур на тоа порачува: „Мислам дека на тој начин Обама си прави услуга себе си. Ако фрлиме поглед врз пакетот за економско опоравување на САД што Обама го објави во екот на светската финансиска и економска криза, тогаш ќе видиме дека во него претседателот се обидува да искомбинира две програми. Едната е поврзана со обидот на САД да се соочат со енергетската криза, а втората со растежот на еколошки чистите технологии. Мислам дека е во интерес на САД да дојдат во Копенхаген со силна заложба за постигнување договор за климата и сметам дека Обама тоа и ќе го стори“.

Amerika Barack Obama Solar Energie Zentrum
Претседателот Барак ОбамаФотографија: picture-alliance/ dpa

Што е со Кина и Индија?

А што е со другите големи играчи според на големината на националните економии и според количеството штетни гасови? Што е со Кина? Во дипломатските кругови можеше да се чуе дека Кинезите чекаат Американците прво да се појават со конкретни бројки, а потоа и тие да се обврзат. Има ли вистина во тоа?

„Се надеваме дека нема сите да чекаат некој друг да почне. Во тоа гледам одредена опасност, но мислам дека е добро тоа што претседателот Обама вложи посебен напор и ја посети Кина спроти самитот во Копенхаген. Затоа сметам дека има добри шанси како САД, така и Кина да понудат во Копенхаген јасни стратегии за борба со климатските промени.“

05.12.2009 DW-TV Journal Interview Boer
Иво де Бур во интервју за телевизијата Дојче велеФотографија: DW-TV

Конечно, запрашан дали на конференцијата ќе има разбирање и за барањето на економските сили во подем, како Кина и Индија, да им се остави простор за натамошен стопански подем и тој да не се задуши со мерките за заштита на климата, бидејќи обете земји имаат огромно население на кое му е неопходно зголемување на животниот стандард, Де Бур вели: „За тоа треба да има простор. Кина го менува курсот не само од љубов кон човековата околина или поради стравот од промена на климата, туку затоа што не е можно да продолжи сегашниот стопански раст не нејзината економија на сегашниот начин. Неопходна е темелна промена. Но, во секој случај во Копенхаген ќе има доволно простор за барањето на Кина и Индија. Само во Индија има преку 400 милиони луѓе кои ден-денес живеат без струја. Целта на конференцијата секако не е да ги задржи сегашните животни услови на овие луѓе“ - појасни шефот на Секретаријатот на ОН за клима, Иво де Бур.

Автор: Питер Крејвен/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема