1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеул: Од Северна Кореја може се‘ да се очекува

ЖА/дв/дпа/афп/ртре6 јануари 2014

Јужнокорејската претседателка Парк е ужасната од севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, но сепак е подготвена за средба со него. Американскиот екс-кошаркарски ас Денис Родман повторно е во Пјонгјанг кај „пријателот“.

https://p.dw.com/p/1Am0O
Фотографија: Reuters

„Не би можела да кажам што ќе направи во иднина Северна Кореја“, изјави јужнокорејската претседателка Парк Геун Хјуе на прес-конференција во Сеул. По најновите политички чистки извршени од комунистичкиот режим, Пјонгјанг станува уште понепресметлив.

Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун во декември го осуди на смрт и нареди егзекуција на неговиот тетин Јанг Сонг Тае, наводно поради предавство. Јанг се сметаше за втор човек по ранг во режимот и политички ментор на Ким. Експертите кои ги следат приликите во изолираната и осиромашена Северна Кореја претпоставуваат дека се работи за борба за власт.

Претседателката Парк во врска со погубувањето го обвини раководството во Пјонгјанг за голема свирепост. Но, таа истовремено ги поздрави помирливите зборови во новогодишниот говор на Ким. Тој најави енергично вложување напори за подобрување на односите со Сеул.

„Но, важни се делата, а не зборовите“, истакнува Парк.

Принципиелно, за средба со Ким

Јужнокорејската претседателка истакна дека во принцип е подготвена за средба со Ким, а притоа мора да постојат конкретни резултати за мир. Парк одново го повика Пјонгјанг да се откаже од програмата за атомско вооружување. Таа повторно предложи овозможување средба меѓу разделените роднини од двете страни на границата на двете Кореи. Министерството за одбрана на Јужна Кореја подготвува и конкретен предлог: средбата планирана за септември 2013. година да биде реализирана кон крајот на јануари за што се предлагаат работни средби со организациите на Црвениот крст од двете земји за в петок. Пјонгјанг во септември ја откажа непосредно пред одржувањето средбата на роднините, која требаше да се одржи по три години пауза, што предизвика разочарување.

Dennis Rodman fliegt nach Nordkorea 06.01.2014
Денис Родман пак во Северна КорејаФотографија: Wang Zhao/AFP/Getty Images

Родман во посета кај „пријателот“

Во меѓувреме американската екс-кошаркарска ѕвезда Денис Родман повторно отпатува во Северна Кореја, за да го посети Ким Јонг Ун.

„Тој е мој пријател и го сакам“, вака ексцентричниот екс-профи го дефинираше својот однос кон Ким.

Родман не сакаше да заземе став за ситуацијата во комунистичката земја при четвртата посета на Северна Кореја.

„Еден натпревар може да отвори врати. НО, јас не одам таму за да речам: Еј, момци, кај вас нешто е однопаку. Тоа не е вистинскиот пат“, изјави Родман пред полетувањето за Пјонгјанг.

52-годишниот кошаркар в среда заедно со други поранешни американски професионалци ќе одигра пријателски натпревар по повод роденденот на Ким. Датумот на роденденот и возраста на властодржецот меѓутоа не се соопштени. Се проценува дека КИм има околу 30 години.