290710 OSZE Medienfreiheit
30 јули 2010Новите медиуми, како што е интернетот, добија посебно големо внимание во извештајот на пратеничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ. Таа потсетува дека токму меѓународната компјуртерска мрежа треба да овозможи најширок пристап до информации за граѓаните, но таа им е посебен трн во око на владите. Тие блокираат одредени интернет страници и ги прогонуваат неподобните интернет новинари и блогери. На пример во Азербејџан: „Во опасност е секој кој сака да напише нешто критично или сатирично. Особено тажен е и мене лично многу ме исфрустрира примерот на двајца блогери во Азербејџан, кои завршија в затвор. Апсолутно е неприфатливо овие лица да се стават в затвор, само затоа што пишувале блогови.“
На списокот и земји како Италија
Списокот прекршоци на властите против слободата на медиумите е долг. Покрај притворањето блогери во Азербејџан, Дуња Мијатовиќ наведува примери на напади врз неподобни новинари во Русија, како и на рестриктивни закони за медиумите во Италија, кои го отежнуваат истражувачкото новинарство. „Ситуацијата не е розова. Извештајот покажува дека има големи разлики во начинот како се загрозува слободата на медиумите во разни земји членки на ОБСЕ и како владите се обидуваат да го попречат слободниот тек на информации...“
Дуња Мијатовиќ потекнува од Босна, каде за време на војната доживеа како медиумите секојдневно беа злоупотребувани за сеење омраза и насилство. За такво нешто да не се повтори, таа по војната се ангажираше во создавањето Совет за радиодифузија. Од март годинава, пак, доби задача да го набљудува почитувањето на слободата на печатот во 56 земји членки на ОБСЕ.
Најнов пример од Унгарија
А дека таа не е загрозена само во воени ситуации покажува најновиот пример на Унгарија. Новиот премиер Виктор Орбан од десно-конзервативната партија Фидес кусо по доаѓањето на власт по итна постапка донесе нови закони за медиумите. Тие им наметнуваат пред се’ на државните медиуми построга контрола: „И’ пишав на унгарската влада за да ја потсетам на нејзините обврски. Тоа што делови од новиот закон сепак стапија на сила многу ме загрижува.“
Сите досегашни надзорни органи на јавните радио и ТВ станици со новиот закон се распуштени, а се заменети со комисии кои директно му се подредени на премиерот Орбан. Така тој си обезбеди директно влијание врз персоналната и буџетската политика на јавните медиуми. Виктор Орбан дури на брзина го смени и уставот на земјата, воведувајќи одредби кои на медиумите им наложуваат да се залагаат за чување на националнот идентитет и на вредностите како семејство, татковина и унгарската традиција.
Дуња Мијатовиќ, како пратеничка на ОБСЕ за слободата на медиумите, меѓутоа не може да стори многу повеќе отколку јавно да опоменува и со тоа да создаде меѓународен притисок врз владите да се придржуваат кон конвенциите што ги потпишале. Нејзината функција не располага со никакви можности за воведување санкции против прекршителите.
Автор: Кристоф Перенбом/ Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска