Семејството на Гадафи побегна во Алжир
30 август 2011Да се пружа засолниште на роднини на Гадафи е чин на агресија, изјави портпарол на Преодниот совет во Триполи. Жената на Гадафи, Сафија, како и ќерката Ајша и синовите Ханибал и Мохамед, ја минале границата со Алжир вчера изутрина. Алжир е единствена соседна земја на Либија, која се‘ уште го нема признато преодниот совет на бунтовниците за легитимно претставништво на државата. Каде се наоѓа Гадафи, не е познато. Тој исчезна пред една недела, кога бунтовниците го зазедоа Триполи. Се претпоставува дека се наоѓа во неговиот роден град Сирте или во главниот град на Либија. Преодниот совет на бунтовниците понуди награда од 1,3 милиони долари за фаќање на Гадафи, жив или мртов.
Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извори на бунтовниците, јави дека еден од синовите на Гадафи, Хамис ел-Гадафи, е најверојатно убиен. Тој бил наводно ранет во борбите и во болница им подлегнал на повредите. Хамис, кој беше командант на елитна единица на неговиот татко што се бореше против бунтовниците, досега повеќепати беше прогласуван за мртов.
Гадафи се` уште опасен
Либискиот Преоден совет бара од НАТО одржување на воениот притисок врз преостанатите претставници на режимот на Гадафи. Првиот човек на Советот, Мустафа Абдел Џалил, изјави дека досегашниот властодржец се` уште би можел да изврши страшни злосторства. И по крајот на борбите, на бунтовниците им треба логистичка и воена поддршка. НАТО, на пример, би можел да ги заштити работите на електричната и водоводната мрежа.
Во меѓувреме, во галвниот град на Либја, Триполи, кој нема доволно вода и струја, канцеларија отвори ЕУ. Таа треба да го организира делењето вода, храна и медицинска помош во градот.
Автор: ЕМФ/ард/ртр
Редактор: Трајче Тосев