Секој месец нова облека!
3 јануари 2018За производство на една маица се потребни околу 2700 литри вода, гласат податоците од Германскиот сојуз за екологија и заштита на природната средина. Се користат ресурси кои во светот се сѐ поограничени. Притоа, постојат бројни можности за нивна заштита и за давање втор живот на производите. Бутикот Клајдерај во Хамбург на пример е еден вид „библиотека“ за облека. Муштериите редовно имаат нови алишта во шкафот, штедат пари и ја поштедуваат природната средина.
Шопинг со мирна совест - е идејата на Клајдерај (Kleiderei) во Хамбург, бутик за изнајмување облека по принцип на месечна претплата. Муштериите можат да купуваат или изнајмуваат нови работи, со што очигледно е погоден нервот на времето.
„Јас на пример позајмив мантил и здолниште, идејата многу ми се допаѓа“, вели една од муштериите.
„Важно е што човек не претерува со трошење, не се расфрла, супер пристап“, дополнува друга жена.
Всушност бутикот Клајдерај претставува интернет-понуда: корисниците можат да склучат договор за претплата и за 49 евра месечно на домашна адреса им се испраќаат четири нови парчиња облека, кои можат да ги користат четири недели. За основачките на Клајдерај, Текла Вилкенинг и Пола Фендел ова е повеќе отколку бизнис-идеја:
„Нашата голема, можеби кич, но сепак темелна визија, е дека потрошувачката мора, треба и може да се промени, а ние сакаме да бидеме предводници, и да дадеме наш придонес,“ вели Пола Фендел.
Моментно во оптек се околу 2.000 парчиња облека, набавени на пазарите за стари работи, добиени од пријатели или донесени од самите муштерии и подарени на бутикот, кому му го препуштаат изнајмувањето. Со сортирањето, пакувањето и испраќањето, како и со прифаќањето на вратените парчиња облека и евентуално нивна поправка се занимаваат петмина вработени.
На понуда не се само користени работи од втора рака, туку во бутикот се наоѓаат и дела на млади дизајнери. Клајдерај во Хамбург ќе биде присутен до почетокот на февруари.