1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој за себе, никој за сите...

Силвера Падори-Кленке22 април 2012

Отсуството на веродостојност на политиката и на раководењето во претпријатијата се двете работи кои најмногу им пречат на обичните Германци, но и експертите велат дека е тоа проблем што го кочи визионерството.

https://p.dw.com/p/14fIn
Фотографија: picture-alliance/dpa
Symbolbild Druck Stress
Раководствата сакаат да ги имаат сите конци в раце - затоа се под стрес и без визииФотографија: fotolia

Иако германската економија од финансиската криза која ја потресува Европа излезе посилна, факт е дека обичните граѓани имаат забелешки и немаат исти гледања за вредностите со оние кои се на водечките политички и економски позиции и кои ја создаваат оваа реалност. Ова го покажуваат бројни истражувања на најразлични институти и центри за јавно мислење во кои пораката е јасна: обичните луѓе се незадоволни од неконсеквентноста, неверодостојноста, како на политиката, така и на раководењето во претпријатијата. Или, како што вели и д-р Маркус Бауманс, еден од учесниците на студијата на „Фондацијата за нова одговорност“, голем дел од постоечкиот раководен кадар не е во тренд со новото време. Ова се однесува како на раководствата во политиката, стопанските фирми, така и на науката и цивилното општество. Конкретно, организацијата во претпријатијата е главно стара, хиерархиски подредена, во која главно одлучуваат шефовите. Карактеристика на ваквата структура е ориентацијата кон краткорочни добивки и отсуството на визионерство.

Преокупирани со се’, но без визии

Од интервјуата што ги направија изготвувачите на нерепрезентативната студија „Секој за себе, никој за сите” произлегува дека оние кои се на раководни функции, се преокупирани од комплексноста која ја наметнува новото време. Сакајќи в раце да ги имаат сите конци, се преоптоваруваат со работи кои не секогаш се нивна специјалност. Така, немаат доволно време и принудени се да делуваат и размислуваат само краткорочно, што би се рекло од денес до утре, евентуално до задутре, но не и што би било по 5 години.

Каква стратегија и алтернативи би имала фирмата во поинакви и променети услови? „Се случува и да немаат големи визии и планови, зашто за нивното креирање би морале да се потрошат уште минимум три часови седмично“, истакнува професор Јута Алмендингер, претседател на Научниот центар Берлин и професор на Хумболт- универзитетот.
Ваквото строго секторско ангажирање, индивидуално справување со комплексноста на проблемите кои треба да се решаваат и недостигот на време, практично го создаваат јазот што го оневозможува вистинскиот напредок. Зашто според експертите, вистинскиот подем во денешно време може да се постигне само со мрежното поврзување на сите нивоа, со „надсекторско” испреплетување на раководењето во политиката, економијата, науката.

Шефовите треба повеќе да слушаат

„Понесувањето на заедничка одговорност за заеднички дефинирана цел - тоа е она што ни недостига. Луѓето на раководни функции треба повеќе да слушаат, отколку да говорат. Да бидат поодмерени и сериозно да го сфаќаат и вреднуваат она што ќе го чујат. Потоа, треба да носат одлуки зад кои целосно ќе стојат”, подвлекува за ДВ д-рМаркус Бауманс.

Дека честопати шефовите се преценуваат и се слушаат само себеси покажа и истражувањето на Универзитетот од Бохум. Наспроти убеденоста на дури 91 процент од шефовите дека секогаш стојат зад кажаното, само 34 отсто од вработените ја потврдија ваквата доблест на своите претпоставени.
Во германската практика има повеќе примери во кои се покажува „курцшлусот” во раководните структури, но непреземањето вистинска одговорност најилустративно се гледа во идејата за електромобилитет.
Не многу одамна се говореше дека до 2020 година Германија треба да направи исчекор и милиони автомобили на електричен погон да ги заменат класичните бензински мотори. Наголемо се дискутираше. Политиката донесе одлуки, економијата прифати дека тоа е приоритет, науката изрази подготвеност да работи на „случајот”.

Pressegespräch Stiftung neue Verantwortung
Шефовите треба помалку да говорат, повеќе да слушаат и чуеното сериозно да го сфатат и вреднуваат, вели д-р Маркус БаумансФотографија: DW

„Но, во меѓувреме работата спласна. Нема повеќе гласни кампањи и извештаи до каде е стасано, зашто,никој не презеде одговорност целата идеја да ја координира. И само заради неусогласеноста кој да го преземе лидерството околу еклектромобилитетот се изгуби драгоцено време. Затоа за Германија е значајно: раководните сили во сите сфери (од политиката, до економијата, и науката) да бидат усогласени“, е категоричен д-р Јерг Ритер од Цендер Интернешенал.

Elektroauto
Без договор за лидерство електромобилноста во Германија остана некоординирана!Фотографија: dapd

Промени во легислативниот период

По его-општеството од деведесеттите и неколкуте години дезориентираност, време е раководните структури на политиката, стопанството, науката и граѓанското општство да ја преземат одговорноста за сопствената организација и да соработуваат - бараат авторите на студијата.

„Не е дозволиво политичарите да се грижат само за наредните избори, а стопанствениците за идното собрание на акционерите”, смета и Тобијас Лајпранд, член на раководствотро на „Фондацијата за нова одговорност“. За надминување на постоечките бариери експертите не исклучуваат дека ефект би донесол подолгиот (шестгодишен) легислативен период, во кој политичарите би можеле да направат посеопфатен биланс на постигнатото. Од стопанството, пак, експертите бараат порастот на бонусите и платите на раководството и вработените да биде условено и поврзано со долгорочниот успех на фирмата.