1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Секогаш најдобрите? - Како се бираат судиите

Фолкер Вагенер
31 март 2018

Судиите се третата сила во Германија. Но, како всушност ги избираат за службата? Судиите се независни, недопирливи. Против нивна волја не смеат да бидат дури ни прераспределени. Како ја добиваат моќната позиција?

https://p.dw.com/p/2rVbq
Deutschland Jahresrückblick 2014 - Bewegende Bilder
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Правосудството не смее да биде ништо повеќе од гласот на правото, рекол францускиот теоретичар Барон де Монтескје (1689-1755). Основоположникот на поделбата на власта со тоа на правосудната власт ѝ доделил јасно услужна улога. Повеќе од 250 години подоцна реалноста изгледа нешто поразлично. Во Германија, која инаку во светот е прочуена како правна држава, правосудната независност во изминативе години малку е ставена под прашање. Ѝ се префрла дека пресудите понекогаш се политика, само со други средства. Дали е навистина така?

Избор или случајност? Назначувањето на судии

Во Германија има повеќе од 20 илјади судии. Во нивното носење одлуки судиите „не се врзани со насоки". Кој во Германија станува судија одлучуваат покраините, по правило Министерството за правда. Кога станува збор за назначувањето сојузни судии, би требало да важи принципот „избор на најдобрите". Така бара Уставот. Но, фактички изборот повеќе наликува во нетранспарентноста на 'Black Box'.

Кога се одлучува за врвниот персонал на петте големи судови (Сојузниот управен суд, Сојузниот суд за социјални прашања, Сојузниот суд за финансии, Сојузниот суд за трудови прашања и Врховниот суд, но не и Сојузниот уставен суд) најпрво заседава Судскиот совет. Тоа е тело кое гласа тајно и е составено од 32 члена. Во него се 16-те покраински министри за правда и 16 експерти кои ги назначува Бундестагот и кои не мора да бидат пратеници, но мора да имаат компетенции од областа на правото. Се одлучува со просто мнозинство.

Де факто партиите ЦДУ/ЦСУ и СПД го имаат последниот збор, другите партии од Бундестагот во најдобар случај играат споредна улога. Со оглед на тоа дека во текот на една година мора да се назначат повеќе нови судии на сојузните судови, во принцип се оди на „кадровски пакети" кои претходно се договараат меѓу двете големи партии од Унијата и СПД. Невозможен потег, веќе долго критикуваат Зелените и Левицата. Поранешната претседателка на Комисијата за правосудство во Бундестагот, Ренате Кинаст од Зелените, уште во 2014-та оцени дека „Кој пречи или од кои причини и да е паднат во немилост, нема да биде избран."

Deutschland Karlsruhe Entscheidung des Bundesverfassungsgerichts zu NPD-Verbot
Андреас Фоскуле (во средината), претседател на Уставниот суд, со критика против затворено гласање за избор на судииФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Се множат тужбите од одбиени конкуренти

Така таа пракса секако не ѝ одеше во прилог на една врвна правничка која требаше да биде избрана за судија на Сојузниот врховен суд во 2015-та и два пати гласањето беше неуспешно. Предложена беше од министерката за правда на Долна Саксонија, Антверпен-Нивиш-Ленарц од редовите на Зелените. Наместо неа беше избран кандидат близок до ЦДУ. Поразената правничка дури го изгуби и спорот пред Врховниот управен суд во Линебург. Таа тужеше заради повреда на правилото за избор на најдобриот кандидат. Пред сѐ малите партии заради ваквите и слични искуства бараат итни реформи во процесот на избирање судии. Договарањата според нив се нетранспарентни. Се одлучувало според писмените податоци, без усно интервјуирање на кандидатите. Задолжителниот молк по изборот од гледна точка на критичарите уште повеќе ја влошува ситуацијата. Сѐ повеќе кандидати кои не успеале да бидат избрани за еден од петте големи судови се сомневаат во објективното одлучување на Судските совети и се противат на таквата пракса. Уште во 2014 година весникот Шпигел цитираше правник на висока позиција, кој остана анонимен, а има увид во процесот на избор на судии „дека одредени личности се непожелни, но нивното одбивање не се декларира отворено".

Повеќе на темата: 

Колку се навистина независни германските судии?

Спорно назначувањето на судии за Сојузниот Уставен суд

Дури и највисокиот германски суд, Уставниот суд, со кадровската политика често предизвикува јавна критика. За разлика од петте сојузни судови, судиите во Уставниот суд ги бира тело составено од 12 пратеници и гласањето е затворено. Тоа дури и за актуелниот претседател на Уставниот суд, Андреас Фоскуле е доволна основа за критика. Во коментар за Уставот уште пред неколку години пиша: „од значителен број автори ова правило со право се оспорува како противуставно." Норберт Ламерт од ЦДУ, и самиот правник и долгогодишен претседател на Бундестагот уште во 2012 година беше зачуден со колку малку „легитимност“ судиите може да направат скок во кариерата до Карлсруе. Тој смета дека е „помалку зачудувачки " што критериумите за избор на уставни судии се пониски отколку оние за избор на Специјалниот пратеник за заштита на лични податоци.

Партиско-политичката „надконтрола“ при пополнувањето на местата во највисоките германски судови ретко експлицитно се критикува. Историското обраложение на ваквата политичка контрола може и да е оправдано поради злоупотребата на нацистите на правосудните органи, но одамна е ад акта. Бидејќи партиите во меѓувреме покажуваат тенденција привилегијата на контролата да си ја користат за свои лични интереси. Претседателот на германскиот совет на судии Јенс Гниза тоа го кажува меѓу редови во изјава за Дојче веле во однос на ситуацијата во Полска: „Тамошните реформи ѝ овозможиле на националконзервативната владејачка партија длабоко да навлезе во полското правосудство и судовите да си ги пополнува по своја желба.“

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид