1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонците лидери по бројот на пушачи

ДТЗ /ДВ
25 декември 2020

Дури 48,4 проценти од населението посегнува по цигара, со што државата успеа да се искачи високо на светската топ 10- листа на земји најголеми зависници од тутун

https://p.dw.com/p/3nDmK
Symbolbild Rauchen Raucherin Frau Zigarette
Фотографија: Picture-Alliance/KEYSTONE

Северна Македонија е лидер по бројот на пушачи во регионот и во Европа. Дури 48,4 проценти од населението посегнува по цигара, со што државата успеа да се искачи високо иа светската топ 10- листа на земји најголеми зависници од тутун. Македонците во просек пушат по 20 цигари на ден, а најбројни меѓу пушачите се мажите. Како земја којашто има најниски цени на цигари во регионот и во Европа, како и најниско даночно оптоварување, не е ни чудо што тутунот е лесно достапен до секого. Особено загрижува тоа што над 30 отсто од младите пушат. Само кај 11 отсто од пушачите во земјава не се пуши дома, а непушачите се изложени на чадот од цигарите не само во угостителските објекти, туку и во јавните институции, и покрај законската забрана. 

Истражување

Ваквите алармантни податоци се добиени како резултат на заедничко регионално истражување на тинк-тенк организацијата „Аналитика“ и Универзитетот во Чикаго, а беа соопштени денеска на онлајн средба со медиумите. Заклучокот е дека Северна Македонија чесно може да се нарече „земја на тешки пушачи“. 

-повеќе на темата: Пушењето те убива и тебе и планетата

„Дојдовме до сознание дека сме најлоши во регионот и во Европа зашто сме лидер по потрошувачка на цигари. Стапката на учество на пушачите во вкупната популација е 48,4 отсто или половина од населението пуши. Просечен пушач кај нас троши 27 евра за цигари месечно што е само шест отсто од просечната плата. Тоа значи дека цигарите се многу достапни, секој може да си дозволи да пуши“, вели Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“. За споредба, во европските земји, преваленцата на пушење е далеку пониска. Во ЕУ просекот изнесува 29 отсто, во Шведска е 8,7 отсто, а во Грција и во Бугарија е 27 отсто.

Мажите пушат повеќе

Мажите пушат повеќе цигари од жените - соодносот е  57,9 проценти кај мажите наспрема 39 проценти кај жените. 51,3% од мажите пушат најмалку 20 цигари во денот, 16,6% од 10 до 20 цигари, додека на 32,1% им се доволни по 10 цигари на ден. Кај жените пушачи, една кутија или повеќе пушат 34,7% од испитаничките. Помалку од 20, но повеќе од 10 цигари дневно пушат 29% од жените пушачи, а 36,4% можат да поминат и со 10 цигари на ден.

Најниска цена на цигари

Македонците пушат најевтини цигари, не само во регионот, туку и во Европа. Ако просечна цена на кутија цигари во земјата е 1,7 евра, во регионот е околу 2,1 евро, додека на европското ниво е 4,9 евра. Сепак, 83% од возрасните во земјата сметаат дека цигарите се скапи, а повеќе од половината пушачи се категорично против цигарите повторно да поскапат за 5%.

-повеќе на темата: Пушењето е-цигари значително го зголемува ризикот од коронавирус

„Со покачување на цените на цигарите, преку зголемување на акцизите, државата ќе влијае на намалување на пушењето и ќе обезбеди дополнителни средства во Буџетот кои понатаму би можело да се користат за здравствени цели за намалување на последиците од пушењето“, се укажува во анализата.
Северна Македонија е лидер во регионот и според процентот на население кое користи готови цигари - 44,5%. Останатите пушачи користат и тутун за виткање или само тутун за виткање. Втори во регионот по употребата на готови цигари се Црногорците (36,8%), по што следуваат Косово, БиХ, Србија и Албанија. Кај тутунот за виткање води БиХ, каде што 9,7% од населението користи и тутун за виткање. Податоците покажуваат дека речиси 90 отсто од пушачите на тутун за виткање, го купиле на отворен пазар, без бандерола или здравствено предупредување.

Најскапи цигари во Австралија

Едно друго истражување, коешто претходно го објави го објави Нумбео, центарот којшто ги споредува трошоците за живот во сите земји, покажува дека пушач е најскапo да се биде во Австралија, каде за кутија цигари треба да се издвои повеќе од 17 евра.  Најевтините цигари во регионот можат да купат Македонците (1,95 евра), додека најскапи се во Хрватска (3,50 евра). Во Косово, Србија, БиХ и Црна Гора кутија е од 2,40 до 2,60 евра. Во Албанија се 2,37 евра, а во Бугарија 2,81. 
Во Европа, од Македонија поевтини цигари има само во Турција, Русија, Украина и некои други екс-советски земји. Најскапи во Европа се во Норвешка, Ирска, Велика Британија и Исланд со цени од 10,32 до 11,54 евра. 

-повеќе на темата: Да се пуши или да се „пафка”: електричните цигари се помалото зло?

Според СЗО, на светско ниво цигари пушат 19,9 од луѓето, при што пушачи се 33,7% од мажите и 6,2% од жените. Секоја година повеќе од 8 милиони лица, поради консумирање цигари ги губат своите животи. Од овие смртни случаи, 7 милиони се поради причини поврзани со директно користење на цигарите, додека преостанатите 1,2 милион се смртни случаи на луѓе кои не пушат цигари, односно се жртви на пасивното пушење. 

 

Забрана за пушење - неопходна заштита или хистерија?