Северна Кореја побара од САД да откажат воени маневри
23 февруари 2013Северна Кореја го повика Соединетите Американски Држави да ги откажат воените маневри кои заедно со Јужна Кореја треба да ги одржат во март. Вежбите се доказ за непријателството на САД кон раководството во Пјонгјанг. Ваквото непријателство ја принуди Северна Кореја да го изврши атомскиот тест на 12 февруари, соопштија државните медиуми во Пјонгјанг.
Третиот атомски тест извршен од страна на Северна Кореја предизвика загриженост и критики ширум светот. САД вршат притисок во рамките на Советот за безбедност на ОН за заострување на санкциите против комунистичкиот режим во Северна Кореја. Американскиот претседател Барак Обама и јапонскиот премиер Шинзо Абе на синоќешната средба во Вашингтон ја потврдија меѓусебната поддршка во спорот со Северна Кореја. „Не можат да бидат толерирани ни ракетни ниту атомски тестови на Пјонгјанг“, порача Абе по разговорите со Обама. Американскиот претседател пак нагласи дека со оглед на провокациите од страна на Пјонгјанг двете земји се решителни во намерата за зајакнат сојуз меѓу двете држави.
Постигнавме целосна согласност за сојузот и неговата насока во иднина, изјави Абе .Тој наведе дека јапонско-американскиот сојуз е стабилизирачки фактор во регионот.